Лејди Гага ги освојува друштвените мрежи. Но, додека на Facebook Еминем го држи тронот и не ѝ дава на Гага да стигне на врвот, 25-годишната пејачка го продолжува своето владеење на Twitter.
За време на викендот таа ја надмина бројката од 10 милиони следбеници и веднаш побрза да им се заблагодари за големата поддршка. „10 милиони чудовишта! Останав без зборови, успеавме! Болест е колку многу ве сакам. Го напуштам Лондон смеејќи се“ – напиша таа.
По Лејди Гага, најследен на Twitter е Џастин Бибер кој во моментов има 9 670 030 следбеници.
Во август минатата година ексцентричната Гага го презеде водството на Twitter од поп принцезата Бритни Спирс.
Денес се очекува Лејди Гага да го објави и својот најнов сингл, „Hair“. Во моментов таа ги освојува музичките топ листи со „The Edge of Glory“, „Born This Way„ и „Judas“.