Дејвид Боуви почина од рак. Популарниот пејач пред три дена го прослави својот 69. роденден.
Веста за смртта беше потврдена од синот на Боуви, Данкан Џонс. Во кратка порака на социјалните мрежи, беше објавено дека Дејвид починал од рак.
„Дејвид Боуви почина мирно денес, опкружен од неговото семејство, по смела 18-месечна битка со рак“ – пишува на официјалниот профил на познатиот музичар на Facebook.
Влијателниот Англичанец, кој мајсторски танцуваше меѓу повеќе музички жанрови, на креативен начин успеваше да ги спои музиката, модата и уметноста и да им подарува на своите фанови вонземски доживувања.
Многумина ќе го паметат по неговото алтер-его Зиги Стардаст и по хитовите „Space Oddity“, „Heroes“, „Let’s Dance“, „Changes“, „China Girl“, „Under Pressure“, „Modern Love“, „Rebel, Rebel“, „Starman“ и „Ashes to Ashes“.
Последниот музички албум на Дејвид, насловен „Blackstar”, беше објавен два дена пред неговата смрт.