Моментално работиш во МНТ (Македонски Народен Театар). На што те научи ова искуство?
- Седум години сум вработена во Македонски Народен Театар, мојата матична куќа.
Самата работа тука ме научи на радоста, среќата, задоволствата и поминатите часови на проба. Остварување на сонот за мене е можноста да соработувам со плејада на актери и режисери и заедно со нив да ја делам сцената, а за искуството би одговорила за неколку децении.
Дали се гледаш себе како филмска актерка во иднина? Што е тоа што би можело да те купи да одбереш филм пред театарска претстава? Дали имаш план во иднина да играш во филм?
- Досега немав можност да работам на филм. Мене во животот ме води и ме мотивира предизвикот. Сигурна сум дека ќе имам можност да одговорам на предизвикот наречен филм со истата љубов што ја имам за театарот.
Кога би можела да одбереш едно место каде би играла претстава каде би било тоа?
- „Празен простор. Никаков декор. Директен поглед кон езерото и хоризонтот. Претставата почнува во осум и пол кога ќе излезе месечината“. „Галеб“ Чехов
Дали ликовите кои ги играш во претставите те менуваат тебе во твојот живот?
- Секој лик е нова љубов. Со него растам, созревам, учам да одам, плачам, се смеам, ме отфрла – го отфрлам, пар – непар, дишеме заедно.
Како изгледа еден ден твој кога се подготвуваш за премиера?
- Не го чувствувам уморот дека е умор. Чоколадо, кафе, Coca Cola и пеперутки во стомак.
Дали мислиш дека твојот стил на облекување и парчињата кои ги носиш те дефинираат тебе и твојот карактер?
- Жените кои јас ги познавам и имаат според мене совршен стил на облекување најчесто ми делуваат како парчињата облека да им се сраснати на телото, се лелеат заедно со нив. Нивниот стил се изразува преку говорот на телото, нивните гестикулации, сè она што ни доаѓа природно. Парчињата облека кои ги носат се само совршен крај на таа една целосна слика.
Кога одбирам облека не размислувам за неа премногу. Без разлика дали купувам нови парчиња или се подготвувам за излегување. Пригодата секогаш го диктира изборот. Најважно ми е да се чувствувам пријатно и да сум своја. Па, затоа и мојот одговор е да, парчињата кои ги одбирам ја отсликуваат Дарја.
Дарија никогаш не би облекла парче кое открива премногу гола кожа. Не само што не би се чувствувала пријатно, туку и би се изгубила мистеријата која секоја жена треба да ја има.
Слушнавме дека спремаш нова претстава од Чехов. Раскажи ни повеќе за овој проект и за ликот кој го играш?
- Работиме на „Галеб“ од Чехов во режија на Нина Николиќ. Улогата на „Нина Заречна” е сон на секоја актерка и еден од бисерите во светската драматургија. Лик кој зборува за професијата, за љубовта, за слободата. Лик кој не дозволува да потпадне под стегите и конвенциите на општеството. Сама го носи својот крст и верува во себе. Но, сепак е свесна за жртвата која е потребна во животот за да успееш да се избориш за она во кое веруваш.
Навистина уживам во процесот, заедно истражуваме и откриваме нови нешта. Верувам дека „Галебот” ќе полета.
Модел: Дарја Ризова
Облека: Марела
Фотографии: Горјан В. Прозус
Шминка и коса: Даниел Артевски
Продукција: Магнетик групација