Принцезата Софија е пресреќна со четвртата бременост на чекор од својот 40-ти роденден.
Припадничката на шведското кралско семејство, која за два дена ќе зачекори во петтата деценија од животот, е ѕвездата од насловната страница на „Вог Скандинавија“. Таа сними семејна фотосесија за најновото издание декември/јануари.
На една од фотографиите, бремената принцеза позира со сопругот Карл Филип и со трите деца, Александар, Габриел и Јулијан.
„Не би го променила местото каде што сум. Јас сум на многу среќно место во животот“ – рекла таа во интервјуто.
За Софија, балансот е најважен во животот. Таа успешно балансира меѓу кралските должности, мајчинските обврски, хуманитарната работа и му е поддршка на сопругот.
„Навистина научив да го сакам миксот. Ми дава можност да придонесам на многу начини“ – рекла таа.
„Софија зрачи со топлина која се шири низ домот“ – рекол принцот Карл Филип.
За фотосесијата, Софија се врати и во селото од нејзиното детство и позираше во гламурозни креации и во традиционална облека.
Софија никогаш не си замислувала дека може да биде шведска принцеза. Таа се запознала со саканиот на тениски натпревар, а нивната врска била потврдена во јули 2010 година.