Адел доби најмногу номинации за Американските музички награди. Вчера на прес-конференција во Лос Анџелес беше објавено дека 23-годишната британска пејачка е номинирана во вкупно четири категории.
Зад Адел по број на номинации останаа Лејди Гага, Кети Пери, Ријана, Лил Вејн и Тејлор Свифт, кои освоија по 3 номинации.
Жените несомнено доминираат оваа година. Во категоријата Изведувач на годината, Адел за престижната награда ќе се бори со Лејди Гага, Кети Пери, Тејлор Свифт и единствениот машки артист, Лил Вејн.
Адел уште еднаш ќе се соочи со Лејди Гага и Кети Пери за освојување на наградата Омилена поп/рок изведувачка. Нејзиниот хит албум „21“ е номиниран за Омилен поп/рок албум, заедно со албумот „Loud“ на Ријана и „Born This Way“ на Лејди Гага.
Во категоријата Омилен машки поп/рок изведувач силите ќе си ги одмерат Бруно Марс, Џастин Бибер и Питбул, а за наградата Омилена поп/рок група ќе се борат LMFAO, Maroon и OneRepublic.
Ријана, Бијонсе и Кели Роланд се номинирани за наградата Омилена соул/R&B изведувачка, а албумите „F.A.M.E.“ на Крис Браун, „Loud“ на Ријана и „4“ на Бијонсе се конкурираат за наградата Омилен соул/R&B албум.
Церемонијата за доделување на наградите ќе се одржи на 20 ноември.