Лупита Нионго моментално е една од најблескавите холивудски ѕвезди. Откако се закити со Оскар за Најдобра актерка во споредна улога, таа се најде на врвот на листата на Најубави личности која секоја година ја составува списанието „People“.
Веста била големо изненадување за 31-годишната актерка, која е родена во Мексико, но израснала во Кенија. „Беше возбудливо и огромен, огромен комплимент“ – рекла таа.
Додека растела, Нионго ја поистоветувала убавината со она што го гледала на телевизија. „Светла кожа и долга, развеана, права коса. Потсвесно започнуваш повеќе да ги цениш тие нешта одошто оние кои ги поседуваш“ – признала таа.
Во интервјуто Лупита рекла дека сега најмногу ѝ значат комплиментите кои ги добива кога е во природно издание. „Кога ќе ми рече некој дека сум убава кога не сум ниту малку нашминкана. Исто така, пред да си ја исчешлам косата и да облечам убав фустан. Среќата е најважното нешто“ – изјавила таа.
Минатата година Гвинет Палтроу ја понесе титулата Најубава жена, во 2012 година честа да ја краси насловната на „People“ ѝ припадна на Бијонсе, а во 2011 година на Џенифер Лопез.