„Hold My Hand“ е најновата песна на легендарниот Мајкл Џексон и се смета за прв официјален сингл од неговиот прв постхумен албум.
Песната која била снимена уште во 2007 година, а во 2008г. се појави во недовршен вид, сега официјално е достапна за обожавателите во финална верзија.
Баладата „Hold My Hand“ е дует со Ејкон кој изјавил: „Светот не беше подготвен да ја чуе Hold My Hand кога пред неколку години се појави за прв пат на интернет. Но, нејзиното време дефинитивно дојде. Сега кога е во финална форма прерасна во неверојатна, прекрасна песна како химна. Многу сум горд што имав можност да работам со Мајкл, еден од моите најголеми идоли.“
Новиот албум на Мајкл ќе содржи и дуети со 50 Cent и Лени Кравиц, а ќе биде пуштен во продажба на 14 декември.
Кога за прв пат беше најавено дека ќе се појави новиот албум, семејството на Мајкл ја обвини компанијата Sony Music за непочитување на Мајкл Џексон затоа што објавува „недовршени и нецелосни песни за кои Мајкл многупати велел дека не сака да бидат објавени“.
За да ги избегнат лошите реакции на обожавателите, претставници на компанијата објавија дека поседуваат рачно напишана белешка од Мајкл во која тој пишува дека сака „Hold My Hand“ да биде прв сингл од неговиот нареден проект.