ЏезВез изненадува со освежување на македонската музичка сцена. Докажани уметници се обединија за обработка на „Каранфило филфило моме“.
Ана Костова, Дани Димитровска и Сара Пројковска ја отпеаја старата народна песна зад чиј нов аранжман стои Никола Мицевски, кој исто така е одговорен за пијано звуците.
Музичката екипа ја дополнуваат и Оливер Јосифовски (контрабас), Дино Милосављевиќ (тапани) и Петар Христов (сопран саксофон).
За новата преработка, Ана вели: „Да не се заборави исконското, она што сме НИЕ, во вистинска смисла на зборот, преточено во звукот на денешното време“.
„Како протагонисти, инспирацијата од нашето богато фолклорно и културно наследство, е приказна без крај. Нека биде ова само почеток!“ – изјави Сара.
„Овој уметнички израз во синергија е подигнување на вибрацијата на македонската музика како идентитет, како љубов, спознавање и еднување“ – дополнува Дани за првата песна од овој проект.
АудиоКултура е просторот каде во живо е изведена оваа песна како прва од серијалот, а Alter Productions се потпишува како видео продукција.