Каролина Гочева ги израдува своите обожаватели. 37-годишната пејачка во соработка со Авалон продукција најави концертен маратон во Македонската опера и балет за следниот месец.
Убавата музичка ѕвезда ќе одржи четири последователни концерти, на 23, 24, 25 и 26 февруари, каде публиката за прв пат ќе има можност да ги чуе во живо сите нови песни од нејзиниот долгоочекуван албум насловен „Извор“.

Драги пријатели,
Со големо воодушевување ви најавуваме дека после блескавиот концертен маратон од пред четири години, Каролина и нејзиниот бенд повторно се враќаат во Македонската Опера и Балет, со четири последователни концерти, на 23, 24, 25 и 26-ти февруари.
На концертите публиката за прв пат ќе има можност да ги чуе во живо сите нови песни од долгоочекуваниот албум на Каролина насловен „Извор“, а ќе се потсети и на најубавите нумери од проектот „Македонско девојче“.
Влезниците за сите четири концерти ќе бидат пуштени во продажба по цена од 800 денари, од 24-ти јануари, во 9 часот наутро, преку продажната мрежа на Купи Карти За Се низ цела Македонија, Југотон и онлајн на веб страницата на ККЗС.
Со секоја купена влезница следува подарок- луксузно дигипак издание од албумот „Извор“, кое ќе може да се подигне веднаш по завршувањето на концертите.
Потсетете се на првата објавена песна „Ѕвона“ од новиот албум на Гочева.