Вчера се одржа доделувањето на 46-тите по ред награди на Академијата за кантри музика. На сцената настапија многу пејачи со моќни гласови, но најголемо внимание привлекоа дуетот на Ријана со Џенифер Нетлс и дуетот на Кери Андервуд со Стивен Тајлер.
Ријана и Џенифер настапија со новиот сингл на Ријана „California King Bed“.
На Ријана како да ѝ недостигаше глас и на моменти целосно се губеше во моќниот глас на Џенифер. Иако нејзината изведба беше солидна, неверојатниот дует на Кери и Стивен беше настапот по кој вечерта ќе остане запаметена.
Кери Андервуд и Стивен Тајлер ја кренаа публиката на нозе со микс од нејзината „Undo It“ и хитот на Aerosmith „Walk This Way“.
Тејлор Свифт ја грабна наградата за Најдобар забавувач на годината и настапи со песната „Mean“.
Миранда Ламберт беше прогласена за Пејачка на годината, а нејзината „The House That Built Us“ ѝ донесе награди за Најдобра снимка, Најдобра песна и Најдобар спот на годината. Бред Пејсли ја освои титулата Пејач на годината, а успешните Lady Antebellum се закитија со награда за Најдобра група.