Pantone ја објави бојата која ќе ја одбележи претстојната 2012 година. Бојата е егзотична мешавина од портокалова и црвена и е наречена „Tangerine Tango“. Новата хит боја има за цел да ни даде нова доза енергија и да нè исполни за да продолжиме напред.

„Софистицирана, но во исто време драматична и заводлива, Tangerine Tango е портокалова со многу длабочина во себе. Потсетувајќи на блескавите нијанси на зајдисонцето, Tangerine Tango ги спојува живоста и бранот адреналин на црвената со пријателството и топлината на жолтата, за да формира лесно видлива, магнетска нијанса која зрачи со топлина и енергија“ – изјавила Леатрис Ајсмен, извршен директор во Pantone.

Бојата на годината која ја одредува Pantone има големо влијание не само во модната и козметичката, туку во сите гранки на индустријата.
Розово-црвената беше боја на 2011 година, а тиркизната ја одбележа 2010 година.
Pantone е една од најголемите компании за производство на бои, која е позната по својот систем за стандардизација на боите.