Модната дизајнерка Ирина Тошева преку едиторијал и видео ја претстави новата колекција „Муур“, за која вели дека е прослава на сè она во што верува.
„Oблеката не е само апстрактна претстава на креативната визија, колку и да е иновативна. Самата изработка и занаетот прават таа да заживее, како израз на човечката опиплива и извонредна креативност. „Муур“ е прослава на сè она во што верувам. Отпечаток, жиг на едно време“ - истакнува Тошева.
Проектот обединува петнаесет локални креативни дејци и индустрии, кои учествуваа во реализацијата на видео кампањата и промотивните фотографии за презентација на колекцијата.
Во составот на моделите се застапени текстурирани еколошки материјали во природни тонови, како што се рустичниот памучен жакард, конопот и јутата проткаени со сирова свила, муслин од органски коноп и лен со European Flax® сертификат. За првпат Тошева работи со макраме - древна техника на рачно врзување јазли. Чевлите, пак, произведени се од пресувана плута во соработка со брендот Schuster.
Секое од парчињата има посебна приказна, деликатно поврзувајќи ги минатото и сегашноста. Налик на „муур“ за старо-новото време.
Истовремено се работеше и на освежување на веб страницата, каде може подетално да се погледне и нарача колекцијата или закаже термин за посета на ателјето на дизајнерката.
Проектот поврзува 15 локални креативни дејци и индустрии, како стимул за раздвижување на културната сцена, взаемна поддршка и соработка и презентација на талентот кој нè опкружува.
Заштитно лице на кампањата е моделот Надја Миланова. На триминутното промотивно видео работеа режисерката Ана Алексовска и Владимир Димоски како директор на фотографија. Двоецот асистенти на камера го сочинуваа Марјан Петковски и Антонио Станков, а Искра Младеновска асистираше на сетот.
„Колекцијата потекнува од место на прагматизам, со ограничените ресурси што ги имавме на располагање, а во суштина, токму ограничувањата ни дадоа поостар фокус во сите аспекти. Видеото и едиторијалот се снимени на две монументални, но по малку заборавени локации во градот. Ги одбрав скопскиот Аквадукт и тврдината Кале со цел да се разбуди колективната свест за зачувување на нашето културно-историско наследство“ - вели дизајнерката.
Автори на наменски создадената музичка тема за видеото се Katerinha, македонска артистка која живее и работи во Берлин, заедно со продуцентот Антоние Весковски.
Фотографиите за едиторијалот се одново дело на Александра Костадиновска, графичкиот дизајн е на Кристина Манчева.
Со секое купено парче облека од „Муур“ ќе се засади дрво именувано според купувачот, и тоа на различни локации во државата благодарение на партнерската соработка со Трибенкс.