Филмската магија владее во Битола, а повод за тоа е најновото 43-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Црвениот тепих традиционално беше послан пред Центарот за култура во Битола, каде се одржа свеченото отворање на најстариот филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери.
Првиот ден беше резервиран за прикажувањето на „Мајка и син“ (Un petit frère/ Mother and Son), француски филм на кинематограферката Елен Лувар, режиран од Леонор Сераије.
Претседателот Стево Пендаровски со сопругата Елизабета Ѓоргиевска, директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски, градоначалникот на Битола Тони Коњановски, директорката на Центарот за култура Маја Андоновска Илијевски, видните гости од жирито и стотици љубители на филмската уметност зачекорија на црвениот тепих пред церемонијата.
„Реалноста не е доволна“ – е мотото на овогодишното 43-то издание на Фестивалот. Истиот ќе трае до 26 август, кога ќе бидат доделени главните награди „Камера 300” (Златна, Сребрена и Бронзена) за најдобар кинематографер, а за првпат ќе биде доделена „Кристална камера 300“ за најдобриот кинематографер на студентски филмови.
Фестивалот ќе се одвива на три локации: Центарот за култура во Битола, Киното Манаки и Офицерскиот дом.