Светот на модата погледнат низ призмата на блогерките е многу интересен, возбудлив и забавен. Камила Коељо е една од најпознатите блогерки во светот, која со своите стилски приказни и модерни комбинации го привлекува вниманието на љубителките на модата веќе неколку години.
28-годишната Бразилка стана популарна со своите туторијали за шминка на YouTube, а подоцна започна да ги споделува со светот и своите совети за шик стајлинзи. Таа денес има 4,3 милиони следбеници на Instagram.
Камила го основа својот канал на YouTube во 2010 година на португалски јазик, а англиската верзија ја креира во 2011 година. Веќе неколку години таа соработува со козметичката компанија „Sigma“ и има создадено своја линија декоративна козметика наречена „Nightlife by Camila Coelho“.
„Јас бев супер женствена кога бев малечка и знаев дека еден ден сакам да работам нешто поврзано со убавина и мода. Од моментот кога ја открив шминката, знаев дека тоа е за мене, па станав мејкап артистка“ – вели Коељо.