„Секогаш треба да го носиме она што не прави да се чувствуваме добро и што добро стои на нашата фигура“ - вели Милена Танаскоска. Тоа е и есенцијата на италијанскиот брендот Marella, кој преку Marella Stories ги споделува приказните на успешните и секогаш добро облечени дами од нашите краишта.
А кога се работи за оставање на впечаток преку модниот стил, никој не знае повеќе од Милена Танаскоска. Младата модна стилистка, која до неодамна беше моден уредник и креативен директор во Unique Магазин, и сегашен ко-креатор на брендот Bastet Noir и моден директор на Rumor е нашиот денешен соговорник за Marella Stories. Прочитајте повеќе за нејзината кариера во светот на модата, најважните лекции кои ги има научено за стилот и кои се нејзините must-have парчиња за претстојното лето:
Млада, амбициозна и незапирлива. Милена, кажи ни повеќе за себе и од каде доаѓа твојата љубов кон стилот и модата?
– Кога треба да зборувам за себе, ми е најтешко, затоа што верувам дека сите ние се подобруваме и се менуваме со текот на годините. Но, она што го знам од мали нозе е љубовта кон модата и облеката. Модата и стилот се рефлексија на мојот живот и моето семејство. Пораснав со уверување дека сакам да работам во банка, завршен економски факултет, но секогаш со желба да ги следам трендовите и да бидам убаво облечена. Списанијата беа дел од моето најрано детство и се воодушевував на секоја модна фотографија и комбинација. Некако патот ми се смени со шансата во Unique списанието, да можам да играм со својата креативност и имагинација.
Долго време беше креативен директор во Unique Magazine, кои се најважни работи кои ги научи со твоето искуство таму?
– Во Unique работев 7 години, а како моден уредник 5. Toa беше најубавото искуство за мене досега. Имав тотална слобода во изразувањето, запознав прекрасни луѓе, а воедно се изградив и како личност. Работејќи во таков магазин во време кога беше најпродаван и единствен на пазарот, за мене како млада личност, без претходно искуство и образование во областа, беше огромен предизвик. Но, тоа ме научи буквално секој нареден предизвик да го пречекам со отворени раце. Низ Unique научив дека креативноста само се зголемува со тоа колку ни се помали ресурсите, дека секој еден едиторијал зависи од мал број луѓе и ограничени можности, но финалниот резултат и готов производ е секогаш награда за секоја една пречка.
Единствената лекција што можете да ја научите е што да не направите повторно, а никогаш не постои лекција како нешто да направите, може само да се обидувате. Исто е и во модата, и експериментирањето со стилот. Научив дека мојот стил не треба да го имплицирам низ секоја страница, луѓето сакаат да ги следат и гледаат трендовите, а не секој тренд одговараше и со мојот личен стил. Способноста да покажете што е тренди и убаво, а притоа истото да не го носите, се учи низ годините и бројот на проектите, каде што и ќе згрешите. Но, на крај сето тоа убаво ќе го спакувате. Секако дека имам препознатлив печат кој може да се види во секоја моја работа, но никогаш не се обидувам да направам копија од мене врз моделите.
Неодамна ја смени твојата работна позиција, што е тоа што е ново во светот на Милена и дали да очекуваме некое модно изненадување од твоја страна?
– Во последниве две години, останав во модната индустрија, но во позадинскиот дел. Unique беше дел од мојата младост, дружење со млади луѓе, тимови, проекти од слободен карактер. Но, како созреваме, така се менуваат средината и обврските. Новото работно место ми даде нова перспектива во светот на модата, од аспект на нејзиниот консумеризам и купување непотребни работи, недоволно ценење на вештини. Сега работам во ателје фабрика – која се занимава со рачна изработка на плетенини и е една од најдобрите 10 во светот. Новата работа ми овозможи да се запознаам со една друга генерација и култура на луѓе и вештина за која претходно сум мислела дека е во изумирање. Но, за тоа колку рачната работа е во подем и е ценета, зборува самото тоа што едни од поважните клиенти ни се Лоеве и Баленсиага брендови чии ревии ги работиме во добар дел и гордо можам да кажам дека и нашата земја стои испишана на нивните етикети на изработка.
Исто така, сум и моден директор на Румор продавницата – каде како бренд се обидуваме да ја смениме свесноста за квалитет и квантитет кај македонската жена. Станува збор за користење на високо квалитетни материјали, сериите на изработка ни се до 3 парчиња, а цените се еднакви на fast fashion брендовите.
И покрај сите овие обврски некако за време на пандемијата се чувствував дека немам доволно простор да се потрошам креативно, па на мојата соработничка Дани од Bastet Noir, со која претходно соработував како стилист на неколку колекции, и дојде идеја да почнеме нешто ново и заедничко. Од септември минатата година, имаме 4 заеднички колекции за Bastet Noir, каде повторно сме свртени кон одржливата (sustanaible) мода и создаваме нешто што секако би го носеле и ние самите да сме клиенти. Секоја наша колекција е спој од нејзиниот и мој стил, притоа користиме left overs материјали и со тоа го спојуваме практичното и убавото.
Кои се твоите must-have модни парчиња за летото кое е пред нас?
– Летните денови секогаш гледам да ги поминам во некој лелеав фустан или бела кошула (нешто што најмногу зазема простор во мојот гардеробер). Ги имам во сите материјали и дезени и секогаш прва на списокот ми е новата бела кошула. Добра база на секој изглед.
Која е најважната лекција која ја имаш научено за модата и стилот?
– Со модата можете да играте до своите 30-ти, но потоа мора да имате изградено стил. Никогаш не треба слепо да ги следите трендовите, туку носете го она што ве прави да се чувствувате добро и што добро ви стои на вашата фигура.