Почетна » Новости » Мода » Marella Stories: Катерина Ангеловска за успехот, духовниот развој и нивното влијание на нашиот стил

Marella Stories: Катерина Ангеловска за успехот, духовниот развој и нивното влијание на нашиот стил

Marella Stories ги истакнува успешните дами кои се познати не само по своите достигнувања, туку и по енергијата и инспирацијата која ја шират. Катерина Ангеловска е автор, коуч за личен развој, енергетски терапевт и мотивациски говорник, и вистински пример за една таква дама.

Нејзината енергија, искреност и позитивен став се вистинска инспирација. Катерина со нас сподели кое е нејзиното најголемо достигнување, што за неа значи “успех", и кои прашања и помагаат да направи модна комбинација која ја исполнува со мотивација и креативност.

Катерина Ангеловска

Катерина, ти си автор на две книги, и дама која може да ги даде најдобрите совети за животот. Со кое достигнување си најгорда?

- Ви благодарам на убавата мисла и прекрасните зборови. Мојата авантура за личен и духовен развој трае повеќе години. Ова патување има минато, сегашност и има иднина, и претставува вистинска потрага по себеспознавање. Во изминативе години секој збор, секоја мисла, соочувањето со моите најдлабоки стравови, нерасчистени односи, односите со моите родители, наталожени емоции, програми, секоја пролеана солза, го отворија моето срце и ја разбудија мојата свесност за живеење во светлина.

Во раскошот на божественото постоење, се случи синергија на моите духовни сетила и вистинска свесност. Осознав дека животот е едноставно возбудлив. Сето знаење и искуство кое го стекнав и го стекнувам, е величествен начин кој ми покажува како да нурнам во најдлабоките, најмагичните и најисцелувачките ритуали на моето постоење. Да ја живеам мојата мисија и да бидам промената која сакам да ја видам во светот. И на мое огромно задоволство можам да кажам дека моето достигнување за кое сум најгорда е всушност моето будење на свеста и свесното битисување од состојба на љубов.

Катерина Ангеловска

Како промените во животот и нашето расположение влијаат на нашиот моден стил?

- Она што е внатре е и надвор. Законот на аналогност вели „како однатре, така однадвор“, а не ни вели – направи нешто однадвор за да се чувствуваш убаво однатре. Иако луѓето сè уште го практикуваат обратниот процес, поврзувајќи го успехот со материјални добра и достигнувања на цели, а некогаш можеби и функционира оваа филозофија, често се случува дека откако ќе го добиеме нештото однадвор, не се чувствуваме целосно исполнето. Имаме чувство само на моментална сатисфакција која многу брзо исчезнува, и често посегнуваме по уште нови материјални добра. Но успехот не е достигнување!

Вистината е дека суштината на успехот е само чувството и ништо друго. Начинот на кој се чувствуваме го одредува нивото на нашиот успех. Дали наутро кога ќе ни заѕвони будилникот се будиме со насмевка и возбуда да го прегрнеме тоа што денот го има во својата продавница за нас? Дали срцето ни е преполно со радост поради врските со луѓето кои се дел од нашето секојдневје? Дали живееме во согласност со своите потреби и правиме позитивна промена во светот? Или едноставно се провлекуваме низ животот, се извлекуваме од кревет, без трошка полет, без никаква емоција на радост и честопати си велиме: „О не, зар уште еден ден?“.

Хармонијата помеѓу умот, телото и духот го одредува нашиот успех. Успехот едноставно претставува како се чувствуваме и она што сме станале. Кога се будиме и правиме промени, почнуваме да ја согледуваме својата внатрешна состојба. Ги препознаваме внатрешните цели повеќе отколку надворешните. Ја осознаваме нашата мисија, знаеме што сакаме. Чувствуваме која е нашата примарна цел, а која не е. Животот се случува преку нас и сме во хармонија со себеси. И овој сеопфатен животен успех е многу позначаен, бидејќи сме им дале внимание на сите делови од животот, и сето ова се рефлектира во нашето секојдневие, и секако на нашиот моден стил. Бидејќи, кога ќе откриеме своето зошто, како е само прошетка низ паркот.

Катерина Ангеловска

Која улога ја играат боите во расположението, и кои бои ти се омилени кога се работи за облека и стил?

- За мене боите кои ги комбинирам во модните парчиња за моето тело се многу важни. Во зависност од расположението и што е тоа што моето тело сака во даден момент, така и ги комбинирам. Но омилена боја во која се чувствувам особено убаво се белата и црвената боја. Овие бои за мене претставуваат почеток, раѓање, хармонија, едност, радост, самодоверба, храброст, оптимизам. Во мојот гардеробер секогаш има модни парчиња од овие две бои, особено од белата боја. Кога сум на некој јавен настан сакам да ги комбинирам овие бои, доколку не ги комбинирам тогаш може да ставам црвени чевли, или пак црвен кармин и лак за нокти во црвена боја и веќе сум во друга димензија.

Катерина Ангеловска

Која е твојата go-to модна комбинација за топлите денови во лето?

- Омилена модна комбинација за топлите денови во летото за мене се дефинитивно ленен фустан на бретели, може да биде долг или краток, бела ленена кошула, лесна летна папуча, бел ранец или бела торба, и наочари за сонце!

Катерина Ангеловска

Која е најважната лекција која ја имаш научено за модата и стилот?

- Што и да носам, најважно од сè е да се чувствувам добро во тоа што го носам. Доколку сакам да знам дали сум на вистинскиот пат, секогаш си ги поставувам следниве прашања: Дали ова модно парче е за мене? Дали ова е навистина она по што копнее мојот дух? Како моето тело реагира на ова модно парче? На кој начин ќе ми служи ова модно парче? Доколку во процесот се чувствувам ослободена, креативна, мотивирана, и вдахновена, тогаш знам дека сум на вистинскиот пат. Доколку почувствувам емоции преку кои ми се чини дека мора или треба нешто да направам, или ќе помислам дека можеби ќе „ми се најде“ тоа модно парче за некоја прилика тогаш знам дека не сум на вистинскиот пат.

Вибрацијата која ја зрачиме е одраз на внатрешните конфликти кои ги носиме во себе, а остварувањето на тоа што го посакуваме не оди секогаш во саканата насока. Затоа следете се во процесот, прифатете ги сите аспекти и бидете секогаш свесни на која вибрација сте. Свесно отпуштете ја контролата на егото и ризикувајте без страв да и се препуштите на интуицијата, сè со цел да доживеете екстатично чувство. Тие што ме познаваат добро, ќе ви кажат дека добро ги износувам модните парчиња кои ги купувам, а тоа е зошто јас ги носам нив, не тие мене. Тие се тука да и служат на мојата примарна цел, а тоа е да се чувствувам добро сега и овде.

Катерина Ангеловска

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19740 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.