Во денешниот брз и стресен свет, дамите кои зрачат позитивна енергија се особено вредни. Една од нив е Лејла Рамковска, инструкторка по јога позната по својата насмевка и неверојатни јога пози. Таа започнала да се занимава со јога пред 5 години и оттогаш не престанува да инспирира и да споделува едукација за здравиот живот.
Како дел од кампањата Marella Stories, таа сподели повеќе за малите задоволства кои ја исполнуваат, како таа се опушта во моменталната ситуација, и која е најважната лекција која ја има научено за модата и стилот.
Кажи ни повеќе за себе, која е Лејла и од каде доаѓа твојата љубов кон јогата?
- Прашањето „koja e Лејла” и пронаоѓањето одговор на тоа е точно поврзано со мојата љубов кон јогата. Од самиот почеток тоа беше една интересна авантура, со многу предизвици и кршени бариери, се до вистинско исполнување. Ние сме како вода, како што она тече и менува исто и ние се менуваме и никогаш не може да застане тоа. Но еве, во сите тие свои промени, јогата е мојот најголем начин на изразување на сама себе си во која фаза и да сум во животот. А само изразување ме исполнува, и среќна ме прави да делам и споделувам.
Пријателите ги сметаме за најважното нешто во нашиот живот, па покрај вежбањето јога, која е твојата омилена активност која ја правиш заедно со твојте најблиски пријателки?
- Оваа година многу нешта се сменија и обврските се зголемија. Посебно ако имаш деца, стресот и грижите се уште поголеми. Активности кои порано биле интересни се заменија со оние кои едноставно ти даваат опуштеност. Затоа времето многу често го поминувавме кај некоја од нас дома, со убаво јадење и винце, и пријатен муабет со оние пред кои можеш да се опуштиш. Исто имам среќа што пријателките мои исто имаат деца и сите они многу убаво се дружат. Особено сум благодарна на тој факт.
Колку што е важно е да го постигнеме внатрешниот баланс, потребно е и да се чувствуваме убаво во сопствената кожа. Како облеката и модниот стил ти помага со тоа?
- Секако, преубаво е чувството кога жената се грижи за себе, тоа не може да се спори. Сите знаеме колку сме како препородени кога ќе си купиме нешто ново, имаме желба да се дотераме цели поради едно парче облека. Јас пред се сакам да се чувствувам убаво и удобно во тоа што го носам. А многу често комбинирам спортска облека со casual парчиња како комбинација која можам да си ја носам и низ град.
Кое е твоето must-have модно парче за летото кое е пред нас?
- Е тоа кај мене не се менува (се смее). Секогаш широки пантолони со некој интересен кроп топ.
Која е најважната лекција која ја имаш научено за модата и стилот?
- Не го облекувај тоа што се чувствуваш некако чудно, или смешно. Да не ти е паметот цело време на тоа што си го облекла, излези со нешто што нема да ти го одземе вниманието од просторот и луѓето со кои си. Ако ми дава чувство на самодоверба, знам дека е правилен избор.