Џвакајте повеќе пати пред да голтнете, редовно советуваат нутриционистите. И со право. Ново истражување го потврди тврдењето дека луѓето кои повеќе ја џвакаат храната внесуваат помалку калории.
Кинески истражувачи утврдиле дека луѓето кои го џвакаат секој залак по 40 пати, консумираат 12% помалку храна во споредба со оние кои секој залак го џвакаат по 15 пати.
Се верува дека џвакањето го спречува прејадувањето, затоа што мозокот има доволно време да ја добие информацијата дека сте најадени. Исто така, долгото џвакање го намалува нивото на грелин, хормонот на гладот.
За да го констатираат ова, истражувачите направиле два експерименти со 16 дебели и 14 слаби мажи. Во текот на првиот експеримент доброволците биле снимани додека јадат за да се утврди како ја џвакаат и кога ја голтаат храната. Било утврдено дека и слабите и дебелите учесници џвакале со еднаква брзина, но дебелите порано ја голтале храната.
Во вториот експеримент сите доброволци требале да консумираат два оброка. За време на првиот оброк требало да го џвакаат секој залак по 15 пати, а за време на вториот – 40 пати. Заклучокот бил дека кога доброволците го џвакале секој залак по 40 пати, консумирале 11,9% помалку калории, без разлика дали биле слаби или дебели.
Крвните тестови покажале дека кога доброволците џвакале по 40 пати, имале и пониско ниво на грелин.
Истражувачите советуваат дека бавното јадење е едноставен, но и ефикасен начин за намалување на проблемите со тежината.
Ако просечен човек една година го намали внесувањето на калории со 12%, тој ќе ослаби 11 килограми. Сепак, експертите предупредуваат дека изгубената тежина реално е помала затоа што просечниот човек редовно консумира храна која не се џвака, како супа или сладолед.