Интересот на жената кон одреден маж ќе биде многу поголем ако во почетокот тој мистериозно крие колку ја посакува, велат научниците.
„Кога луѓето се среќаваат за прв пат, популарниот совет да не покажуваат колку им се допаѓа потенцијалниот партнер е точен, затоа што криењето на чувствата го зголемува интересот “ – пишува во извештајот од ново истражување.
Научници од Универзитетот Харвард и Универзитетот Вирџинија го анализирале однесувањето на 47 студентки. За да бидат добиени поточни резултати, ним им било кажано дека учествуваат во експеримент за да се утврди дали Facebook може да функционира како онлајн сајт за запознавање.
На секоја студентка ѝ било речено дека нејзиниот профил го разгледувале машки студенти од други универзитети, но и дека истите тие студенти гледале и профили на уште 15-20 други студентки.
Потоа на жените им биле покажани 4 Facebook профили на мажи, кои биле создадени специјално за истражувањето.
На еден дел од учесничките им било кажано дека тоа се мажите кои изјавиле дека најмногу ги посакуваат токму нив. На друга група учеснички им било кажано дека тоа се мажите кои ги имале оценето како натпросечни. На третата група жени им било кажано дека тоа се или мажи кои ги посакуваат најмногу или мажи кои ги оцениле како натпросечни.
Жените кои верувале дека им се покажани профили од мажите коишто најмногу ги посакуваат покажале многу поголем интерес кон нив, отколку жените на кои им било кажано дека тоа се мажи кои ги оцениле само како натпросечни.
Но, третата група жени, кои не знаеле какви точно се чувствата на овие 4 мажи кон нив, ги оцениле четирите мажи како најпривлечни и покажале најголем интерес кон нив.