Ако сакате нешто да грицкате, земете неколку ореви. Новите истражувања покажаа дека оревите, кои се богати со растителни влакна, протеини, витамини и минерали, се најздрави меѓу јаткастите плодови.
Секој здрав режим на исхрана вклучува консумирање на јаткасти плодови затоа што тие се полни со антиоксиданси коишто се борат против штетните слободни радикали во телото. Докажано е и дека тие помагаат во заштитата од одредени видови рак, срцеви болести и дијабетес тип 2. Но, досега не беше утврдено кој тип јаткасти плодови се најздрави.
За да го откријат тоа, научниците го анализирале составот на 9 различни типа јаткасти плодови, односно го проучиле присуството на антиоксидансите во секој од нив.
По направените анализи, докторот Џо Винсон од Пенсилванија изјавил дека една шака ореви содржи скоро двојно повеќе антиоксиданси од истата количина од било кои други јаткасти плодови.
Експертите препорачуваат оревите да се консумираат сирови, а не печени, затоа што топлината го намалува квалитетот на антиоксидантите. Нивниот совет е секој ден да се консумираат по 7 ореви за да се добие максимален ефект.