Милиони корисници на социјалната мрежа Facebook избегнуваат да поставуваат слики и го бришат своето име од секоја слика на која што ги има, затоа што сметаат дека се дебели, стари или грди.
Всушност, скоро половината од 2000 учесници во истражување на OnePoll признале дека кога го составуваат својот албум избегнуваат да поставуваат слики од периодот кога имале повеќе килограми. За да избегнат пак да се појави слика кога некој ќе го пребара нивното име, 14% од корисниците ги отстрануваат таговите од секоја слика на која што ги има.
Секоја десетта жена признала дека се чувствува неудобно кога ќе види своја слика на Facebook, а 13% избегнуваат да се сликаат само за да не се појави нивната слика на оваа мегапопуларна социјална мрежа.
Дури 10% од учесниците во истражувањето откриле дека користат слика од некој друг за нивниот профил, на пример слика од куче, славна личност или цртан лик, само и само да избегнат старите пријатели да видат вистинска слика од нив.
За да го привлечат вниманието на спротивниот пол, 5% признале дека поставуваат слика од свој пријател или пријателка која изгледа поубаво од нив.
Маркетинг директорот на компанијата LighterLife, која била иницијатор на истражувањето, изјавил дека овие резултати го докажуваат притисокот на општеството врз луѓето, особено младите жени, да изгледаат убаво и привлечно.