Широко распространето е верувањето дека жените зборуваат многу повеќе од мажите и честопати се раѓаат шеги на сметка на женскиот пол токму поради константното брборење.
Спротивно на тоа, психологот Џефри Бити од Универзитетот Манчестер тврди дека мажите зборуваат повеќе од жените, но дека повеќе вреди да се слуша жена додека зборува затоа што претставничките на понежниот пол се изразуваат поразнообразно и посмислено од мажите.
За да дојде до таков заклучок, професорот Џефри анализирал 56 досегашни истражувања за машката и женската комуникација. Според него, 24 од тие истражувања покажале дека мажите изговараат повеќе зборови во текот на денот, а само 2 ги посочиле жените како поразговорлив пол.
Професорот направил и свое истражување. Тој снимил 50 разговори на различни теми, а потоа на група доброволци им дал скрипти со текст во кој секој петти збор недостигал. Доброволците требало да ги пополнат празните места.
Зборовите пополнети од жени биле многу потешко да бидат предвидени затоа што жените биле повнимателни во тоа како се изразуваат.
На пример, кога давале комплименти, мажите користеле предвидливи зборови како „убаво“ и „добро“. Типичен машки комплимент е: „Денес изгледаш многу убаво“. Од друга страна, жените поверојатно би кажале нешто како: „Навистина ми се допаѓа твојата јакна. Од каде си ја купи?“
Во 81% од случаите можело да бидат предвидени зборовите кои ги искористиле мажите, а истото важело само за 71% од зборовите на жените.