Жените веруваат дека 29 години е идеалната возраст за раѓање на првото дете, вели ново истражување.
Повеќето жени (59%) сметаат дека тогаш имаат поголема финансиска стабилност за да можат да ги поднесат трошоците кои ги носи растењето на детето и сметаат дека во овој период од животот доволно долго се во стабилна врска.
Истражувањето направено од Clearblue, компанија за тестови за плодност и за бременост, имало и за цел да открие што жените сметаат дека може да ја подобри нивната плодност и да им ги зголеми шансите да останат бремени.
Резултатите покажале дека 70% од жените сметаат дека здравата исхрана може многу да ги зголеми шансите за зачнување, 60% веруваат дека тоа е редовниот секс, а 42% се убедени дека откажувањето од алкохолот би им помогнало побрзо да забременат.
Во истражувањето учествувале 3000 жени.
Коментирајќи ги резултатите од истражувањето, д-р Дон Харпер изјавил: „Интересно е што истражувањето покажало дека 29 години е популарна возраст за раѓање на дете. Без оглед на возраста, мојот совет е да престанете да пушите, да го намалите алкохолот и да одржувате здрава тежина пред да започнете да се обидувате да зачнете“.
Минатата година беше направено слично истражување од ForbesWoman.com и TheBump.com. Тогаш, 42% од жените изјавиле дека идеалната возраст за создавање на семејство е од 25 до 29 години, а 17% одговориле дека нема идеална возраст за раѓање дете и дека таа е различна за секого.