Почетна » Семејство » Бременост » 11 работи кои треба да ги направите пред да останете бремени

11 работи кои треба да ги направите пред да останете бремени

Забременувањето не е толку лесно како што многумина си замислуваат. Се разбира, кај некои сè се случува многу брзо, но кај многу други поминува подолго време пред да се појават две линии или знак „плус“ на тестот за бременост.

Идните мајки секогаш се загрижуваат за работите на кои треба да внимаваат за време на бременоста. Но, докторите предупредуваат дека има многу нешта кои треба да се земат во предвид и кои заслужуваат поголемо внимание пред самото зачнување.

Жена која сака да забремениПред да зачнете, размислете за финансиите и направете ги потребните прегледи на доктор

Следните неколку совети ќе ви помогнат подготвени да ја дочекате најубавата вест – дека сте бремени:

  1. Закажете си преглед на гинеколог пред зачнувањето. Фетусот треба да се развива во здрава средина, а најдобриот начин да се осигурите дека ќе му го обезбедите тоа е да направите преглед на гинеколог. Специјалистот ќе ги направи потребните тестови за да потврди дека нема некаква инфекција или СПБ којашто може да му наштети на плодот. Во некои случаи се прават и генетски испитувања за да се утврди ризикот од појава на одредена болест.
  2. Измерете ја вашата тежина. Телесната тежина е важен фактор кој влијае на плодноста. Качете се на вагата за да проверите дека имате нормална и здрава тежина. Ако се борите со килограмите, подобро е да го решите тој проблем пред да зачнете. Нормалната тежина ќе ви помогне не само полесно да ги поминете бременоста и породувањето, туку и ќе го намали ризикот од висок крвен притисок и дијабетес.
  3. Ако пиете лекови, одете на консултација кај вашиот доктор. Доколку страдате од хронична болест и/или примате лекови, одете на консултација со докторот кој ви ги препишал. Одредени лекови се безбедни и може да се примаат за време на бременоста, но некои може да се опасни.
  4. Закажете си преглед на стоматолог. Не треба да го занемарувате ниту оралното здравје. За време на бременоста, поради хормонските промени и киселините кои од стомакот доаѓаат во устата поради утринското гадење, може да се појаваат проблеми со забите и непцата. Тие проблеми значително ќе ги редуцирате ако пред зачнувањето ја проверите состојбата на вашите заби.
  5. Заборавете на алкохолот и цигарите. Сигурно знаете дека алкохолот и цигарите целосно треба да ги исфрлите од вашиот живот за време на бременоста. Но, не е лошо да им кажете „не“ и во периодот пред зачнувањето. Пушењето и алкохолот влијаат негативно врз плодноста. Истото важи и за вашиот партнер, бидејќи тие кај него можат да го намалат квалитетот на спермата.
  6. Размислете за финансиите. Најверојатно веќе сте информирани дека бебето ќе „голта“ голем дел од вашиот месечен буџет. Направете си груба пресметка дали ќе се справите со сите поголеми трошоци кои ќе дојдат со доаѓањето на свет на вашето малечко. Во текот на месеците пред зачнувањето и за време на бременоста, тргајте настрана по некој денар. Таа заштеда добро ќе ви дојде по породувањето.
  7. Зголемете го внесувањето на фолна киселина (витамин Б9). Овој витамин од групата Б е многу значаен за развојот на фетусот во текот на првите месеци од бременоста. Затоа, многу е важно да внимавате да внесувате фолна киселина ако планирате да зачнете. Се смета дека внесувањето на 400µg фолна киселина дневно во текот на еден месец пред зачнувањето го намалува ризикот од појава на дефекти на мозокот и грбниот столб на бебето за 50-70%. Фолната киселина најмногу е застапена во спанаќот, брокулите, карфиолот, црниот дроб, телешкото и јагнешкото месо, сите темнозелени зеленчуци, морковот, дињата, авокадото и лебот. Не примајте суплементи на фолна киселина без консултација со доктор.
  8. Внимавајте со витаминот А. Не ви се потребни големи количини витамин А за да бидете здрави. Избегнувајте го консумирањето на џигери и таблети со витамин А.
  9. Престанете да купувате нова облека. Ако сè оди според планот, во текот на следните година дена нема да можете да ја носите облеката што ќе ја купите пред зачнувањето. Па, зачувајте ги парите за да си купите некое модерно парче облека за трудници.
  10. Размислете за одржувањето на бојата на вашата коса. Ако си ја бојадисувате косата, пред да зачнете посетете го вашиот фризер за да ја обновите бојата или да ја шатирате косата. Сè уште нема докази дали бојадисувањето на косата е штетно или не во текот на бременоста, но вие како идна мајка треба да го намалите изложувањето на хемикалии до максимум. Најдобро е да го избегнете бојадисувањето на косата во текот на првото тримесечје.
  11. Одете на патување со партнерот. Пред зачнувањето одете на одмор со вашиот партнер. Уживајте во мирните и спокојни моменти, бидејќи со доаѓањето на вашето бебе тие значително ќе се намалат. Патувањето ќе ви помогне да се опуштите и да се одморите пред најзначајната улога во вашиот живот – мајчинството. Ако немате можност да отпатувате некаде, почесто излегувајте на романтични состаноци за уште повеќе да ја зацврстите вашата врска.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20948 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.