Почетна » Новости » Занимливости » „Јави им се на татко ти и мајка ти, посети ги баба ти и дедо ти... Не знаеш што носи утрешниот ден“

„Јави им се на татко ти и мајка ти, посети ги баба ти и дедо ти... Не знаеш што носи утрешниот ден“

Иднината е неизвесна и непредвидлива и сите добро го знаеме тоа. Сепак, честопати си мислиме дека го имаме целото време на светот и забораваме да ги цениме луѓето кои ги имаме покрај себе.

Кејси Хаф нè потсетува ДЕНЕС да го земеме телефонот во раце и да им се јавиме на родителите, да ги посетиме бабите и дедовците, да се сретнеме со пријателките кои одамна не сме ги виделе и да ги бакнеме нашите деца. Нејзиниот текст несомнено ќе ве натера да го намалите темпото на живот и да уживате повеќе во она што го имате.

Љубов

Јави му се на татко ти.

Кога ќе те праша зошто се јавуваш, кажи му дека само сакаш да му го слушнеш гласот. Уште подобро, заблагодари му се за тоа одамнешно попладне кое го помина трпеливо учејќи те како да промениш дупната гума. Кажи му дека секогаш кога ќе слушнеш фудбалски меч на радио, се навраќаш на мрзливите есенски попладниња поминати покрај него. Дај му до знаење дека навистина ги цениш тешките разговори кои ги имавте кога најмногу ти беа потребни насоки. Кажи му дека го сакаш и дека се чувствуваш како вистинска среќничка што од сите татковци на светот, тој е твој.

Сврти го бројот на мајка ти.

Дај ѝ до знаење колку ти значеше тоа што таа беше таму за секој твој концерт, за секој фудбалски натпревар, за секој родителски состанок. Извини ѝ се за сите треснати врати меѓу вас. Увери ја дека знаеш дека сè што правела таа било со најдобра намера за твоето срце... дури и кога ти си го кршела нејзиното. Кажи ѝ дека конечно ја разбираш големината на нејзината љубов кон тебе, бидејќи ја чувствуваш секојпат кога ќе ги погледнеш твоите малечки.

Оддели си време за да ги посетиш твоите баба и дедо.

Тропни им на вратата и гушни ја баба ти екстра силно кога ќе ти посака добредојде во нејзиниот дом. Пофали ја колку добро ги негува цвеќињата и кога ќе ти понуди колаче, земи го со насмевка. Прашај го дедо ти дали некогаш сфати кој бил зборот кој му недостигал во крстозборот и слушај го додека ти раскажува приказни од детството. Вети им дека ќе им ја искосиш тревата следната недела и дека ќе навиваш за неговиот омилен тим во недела попладне.

Прегрни го твојот сопруг.

Силна и долго. Запомни какво е чувството кога тој ги обвива рацете околу тебе и вдиши ја неговата миризба, дури и ако е малку испотен и валкан од долгиот работен ден. Бакни го бавно, погледни го во очи и пронајди го дечкото во кој се вљуби некогаш. Запомни колку пеперутки разлетуваше во твојот стомак. Цени ја утехата која ти ја носи сега кога деновите се долги и понекогаш тешки.

Испрати му порака на брат ти која ќе започнува со нешто како: „Се сеќаваш ли кога...“. Дозволи си да се изгубиш во спомените на деновите кои ги поминавте во заедничко учење и растење под истиот покрив.

Искоментирај на фотографија на сестра ти дека е убава однадвор, но дека поубава е нејзината внатрешност. Прашај ја за нејзиното ново момче и дај ѝ до знаење дека тој е вистински среќник.

Договори кафе-средба со најдобрата пријателка која одамна не си ја видела. Не само колку да се рече дека треба да се сретнете, туку вистинска средба која ќе биде заокружена на вашиот календар со траен маркер.

А кога ќе завршиш со сите тие нешта, тивко на прсти влези во собата во која што спијат твоите бебиња и бакни ги еднаш, двапати, трипати на челото. Шепни им на увце дека ги сакаш и запри кај вратата за да ги погледаш уште малку.

Направи го сето ова денес. Не чекај.

Сега, овој момент, оваа секунда... е она што со сигурност го имаме со луѓето кои ги сакаме. Понекогаш го забораваме тоа.

Работата е што во овој непредвидлив живот, навистина, НАВИСТИНА не можеме да си дозволиме да земаме ниту една секунда здраво за готово.

Пријателке, не можам да ти кажам што носи утрешниот ден, но можам да ти го ветам ова:

Никогаш нема да зажалиш што си се јавила кај татко ти.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20788 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.