Текст од медицинска сестра, која работи во оддел за гинекологија и акушерство, за нејзините пациентки ќе ви ги насолзи очите и ќе ве потсети на важноста на оваа често потценувана професија.
Писмото напишано од анонимна личност беше објавено на „Love What Matters“ откако водителките на шоуто „The View“ ја исмеале Мис Колорадо поради тоа што кога требало да претстави свој талент, таа се појавила облечена во својата работна униформа како медицинска сестра.
Објавата стана хит со повеќе од 72 илјади допаѓања и 28 илјади споделувања.
Јас сум само медицинска сестра. Медицинска сестра во породилната сала. Звучи забавно, нели? Па...
Јас сум само медицинска сестра, која беше присутна на твоето породување.
Јас сум само медицинска сестра која те држеше за рака, те гледаше в очи и правеше да се чувствуваш како да си најсилната жена на светот.
Јас сум само медицинска сестра која препозна дека имаш тешка прееклампсија и која издејствува наредба од твојот лекар за магнезиум сулфат за да те заштитиме од грчеви.
Јас сум само медицинска сестра која внимателно ти го следеше дишењето со стетоскопот, бидејќи ги знам можните компликации.
Јас сум само медицинска сестра која будно го следеше чукањето на срцето на твоето бебе и препозна дека тоа е во дистрес.
Јас сум само медицинска сестра која те однесе на операционата маса додека твојот доктор да пристигне на паркингот за да родиш здраво бебе.
Јас сум само медицинска сестра која направи фотографии од твоето бебе, бидејќи ти беше сосема сама... И покрај тоа што требаше да правам сто други нешта.
Јас сум само медицинска сестра со семејство кое мораше да помине уште еден ден без мене зашто останав дополнителни три часа за да те поддржувам за време на тешко породување.
Јас сум само медицинска сестра која го негуваше твоето достоинство и направи да се чувствуваш удобно кога беше најранлива.
Јас сум само медицинска сестра која го убеди твојот доктор да ти даде дополнително време пред да изврши царски рез.
Јас сум само медицинска сестра која одолговлекуваше колку што е можно повеќе за да му се јави на твојот доктор кога дојде време за породување за тој да не ти изврши епизиотомија.
Јас сум само медицинска сестра која ти ја држеше раката и плачеше со тебе кога ти дојде од тријажа... а срцето на твоето бебе не чукаше.
Јас сум само медицинска сестра која нема јадено ништо по утринското кафе кое го испи по будењето... во 5 часот наутро.
Јас сум само медицинска сестра која ќе ти дозволи да ѝ оставиш траги од стегање на рацете додека ти ставаат епидурална, повторувајќи: „Одлично се справуваш. Само уште малку. Ти го можеш тоа.“
Јас сум само медицинска сестра која убеди мајка тинејџерка дека може да биде неверојатна мајка и да се образова истовремено.
Јас исто така сум само медицинската сестра која стоеше до тебе додека ѝ го даваа твоето бебе на мајката која го посвои. Те држев стабилно. Те гледав како трепереше. Срцето ме болеше за тебе.
Јас сум само медицинска сестра која знае дека спречувањето на еден царски рез помага да се спречат понатамошни царски резови и сите ризици поврзани со секоја следна бременост и поради тоа би направила сè што е во моја моќ за да го натерам твоето бебе да се позиционира точно во твојата карлица.
Јас сум само медицинска сестра која те држеше за рака и ти рече: „Прекрасна е. Многу ми е жал за твојата загуба“. Срцето ме болеше за тебе. Таа вечер, само сакав да ги гушкам моите деца и никогаш да не ги пуштам... но, тие веќе беа заспани, бидејќи јас останав до доцна со тебе.
Јас исто така сум само медицинска сестра која плачеше цел пат додека возеше до дома и чиј сопруг не мора дури ни да праша „како ти помина денот“.
Тој знае.
Денес.
Секој ден.
Ја чувствував твојата радост.
Ја чувствував твојата болка.
Ти ги бришев солзите.
Ги намалував твоите стравови.
Ги чував твоите тајни.
Те научив колку си силна.
Го спасив твојот живот.
Го спасив животот на твоето дете.
Телото ме болеше.
Срцето ме болеше.
И ја сакам секоја минута.
Јас сум само медицинска сестра во породилна сала.
Текстот поттикна многу мајки да ги споделат своите позитивни искуства со сестрите за време на нивните породувања и да им се заблагодарат за помошта и поддршката во тие важни моменти.