Сè уште ги игнорирате предупредувањата на докторите за постојана заштита на кожата од сончевите зраци? Можеби оваа фотографија ќе ве натера да станете попретпазливи при изложување на сонце.
На фотографијата е прикажано лицето на 69-годишен маж. Уште на прв поглед може да се забележи фрапантна разлика помеѓу изгледот на неговата кожа на левата и десната страна на лицето. Видливите „бразди“ на левата страна на лицето на мажот се резултат на редовно изложување на сончевите зраци, бидејќи тој 28 години работел како шофер на камион.
Според докторите Џенифер Гордон и Хоакин Бриева, состојбата на лицето на неименуваниот маж е предизвикана од УВА зраците, кои продираат и низ стакло, а предизвикуваат здебелување и збрчкување на кожата.
Докторите од Northwestern University од Чикаго му препорачале на пациентот редовна употреба на крем со заштитен фактор и прегледи како мерка за превенција од рак на кожа.
Но, не е само сонцето предизвикувач на овој негативен ефект. Во солариумите главно преовладуваат УВА зраците, кои исто така и го зголемуваат ризикот од меланом, најопасната форма на рак на кожа.