Синоќа битолчани имаа можност да уживаат на гала концерт со истакнати музичари. Љубителите на класичната музика ги проследија настапите на македонски и странски изведувачи во Народниот театар во Градот на конзулите.
Манифестацијата започна со еминентната оперска пејачка Иванка Нинова од Бугарија, а продолжи со Елвира Хасанагиќ, сопран од Словенија/Германија, како и реномираните солисти од Македонија: Маја Митровска – сопран, Марина Коруновска – мецосопран, Александра Коцевска – мецосопран и Александар Гацовски – тенор. Талентираните изведувачи добија поддршка на пијано од Александра Јанковска и Јана Четелева Белевска.
Настанот беше организиран од Ротари клубот – Битола со поддршка на Општина Битола и компанијата Бимилк. Градоначалничката Наташа Петровска изрази задоволство што присуствува на музичка манифестација која е несекојдневна во Битола.
На гала концертот му претходеше Натпревар за млади соло пејачи. Учесници од целата држава беа оценувани од страна на четиричлено меѓународно жири во состав: Иванка Нинова од Бугарија, Алдо Кумар од Словенија, Марко Коловски од Македонија и Елвира Хасанагиќ од Словенија. За најдобрите беа обезбедени парични награди од Бимилк.