Децата со посебни потреби уште од мали нозе треба да знаат дека не се сами и дека постојат и други лица како нив.
Мајка на девојче со Даунов синдром со порака ги охрабрува родителите да им купуваат на нивните децa играчки со кои ќе можат да се асоцираат и поврзат.
Таа сподели фотографии од три девојчиња со попреченост, кои добиле кукли исти како нив. Радоста на нивните лица нема да ве остави рамнодушни.
Едното од нив е Ајви, нејзината ќерка со Даунов синдром.
Прочитајте ја нејзината порака за инклузивноста:
Денес споделувам нешто што стана неверојатно важно за мене. Застапеноста. Секое човечко суштество заслужува да види некој што личи на него во филмови, книги, реклами и играчки. За жал, предолго, тоа не беше случај. Луѓето од секоја раса, способност, тип на тело, пол, религија... треба да бидат претставени во сето тоа што го гледаме, читаме или со кое си играме. Сега, гледаме чекори за отстранување на овој проблем во медиумите, што многу го ценам. Застапеноста е важна!
Замислете си дека сте дете со попреченост и сè што гледате се типични деца. Каква порака тоа ќе ви пренесе за себе? Дека вие „не сте нормални“. Дека не сте достојни да се покажете пред светот. Знам, ова ве иритира само што го читате, бидејќи се разбира дека ниту едно дете не треба да се чувствува на тој начин. Недостатокот на застапеност ги засегнува и сите „нормални“ деца. Тие растат со искривена перцепција дека сите изгледаат како нив. Сите оние кои не изгледаат така, не се „нормални“ и треба да се плашат од нив. Така, расизмот и дискриминацијата се всадуваат кај нашите деца, без да забележиме. Застапеноста е важна!
Сега, замислете дека истото дете гледа реклами, ликови во филмови и книги и кукли кои изгледаат како него. Каква инклузивна порака испраќа тоа? Ти си личност достојна за да бидеш вклучена! Ти си човек како и секој друг! Застапеноста е важна!
Погледнете ги овие прекрасни девојчиња. На секое од нив им е подарена кукла која изгледа како нив. Ајви има Даунов синдром. Елајза има спина бифида, а нашата пријателка Стела има спинална мускулна атрофија. Застапеноста е важна!
Што можете вие да направите? Дајте им до знаење на брендовите дека ја цените нивната инклузивност и дека верувате дека можат да направат промена. Купувајте инклузивни книги и играчки за вашите „типични и нормални“ деца. Нека си играат со играчки кои ги претставуваат сите типови на луѓе. Застапеноста е важна!