Пет пријатели, една инспиративна традиција, силно пријателство кое трае со децении – тоа е приказната за Џон Вардлоу, Џон Диксон, Марк Рамер, Далас Барни и Џон Молони, која стана онлајн хит.
Кога имале само 19 години, петмината другари се фотографирале за време на летниот одмор на езерото Копко. Но, во тој момент ниту еден од нив не ни претпоставувал колку значајна ќе стане таа фотографија во нивниот живот.
Фотографијата, на која Молони држи во раката тегла во која има лебарка, стана симбол за нераскинливото пријателство на младите тинејџери.
Оттогаш петмината пријатели на секои пет години се собираат на истото место за да направат обновена верзија на старата фотографија. Триесет години по првата фотографија, ниту еден од нив не го прекршил ветувањето и нивниот албум станува сè побогат.
„Поради некојa причина сите избравме да имаме темен и мистериозен израз на лицата. Сигурен сум дека си мислевме дека сме навистина кул“ – изјавил Џон Вардлоу за CNN.
Во теглата на фотографијата има лебарка, која тогаш решиле ја чуваат како домашно милениче.
„Приоритетите ни беа поинакви тогаш. Мислев само на лето и на девојки“ – додал Џон.
Пет години по првата фотографија, Вардлоу дал предлог да направат нова верзија. „Имав претчувство дека тоа може да прерасне во кул традиција, но немав поим дека ќе продолжиме да го правиме тоа 30 години“ – рекол тој.
Како што поминуваат годините, така и фризурите и изгледот на петмината се менува, но изразот на нивните лица останува непроменет.
„Погледнете нè додека губиме коса и добиваме поголемо чело. Качуваме и губиме и качуваме и губиме тежина. Има причини зошто решивме дека е подобро да се фотографираме облечени во маици“ – пишува на нивниот веб сајт.
Сите се едногласни – ќе продолжат да ја негуваат убавата традиција. „Планираме да го правиме ова до крајот на нашите животи, без оглед на околностите. Сè додека не остане еден од нас да седи во истата поза! Дури и тогаш, можеби некој ќе направи за нас фотографија од празната клупа“ – изјавил Диксон.
До ден денес тие ја слушаат истата музика која ја слушале во 80-тите години.