На Оливија Вард ѝ беа потребни 5 месеци, многу интензивни тренинзи и строга контрола на калориите за да ослаби 58 килограми и да биде прогласена за победник на американското шоу „The Biggest Loser“.
35-годишната оперска пејачка влезе во натпреварот со 118 килограми, а успеа да излезе со здрава тежина од 60 килограми. Освен што се здоби со убава линија, Оливија доби и 250 000 долари како награда за големото слабеење.
Оливија била решена да започне да слабее откако докторите ѝ кажале дека можеби никогаш нема да стане мајка ако не го промени начинот на живот. Нејзината прекумерна тежина и синдромот на полицистични јајници досега им попречувале неа и на нејзиниот сопруг да станат родители.
„Со ова ново тело, постои надеж јас и мојот сопруг да можеме да имаме деца“ – изјавила таа.
За време на тешкиот период, Оливија не беше сама. Неа ја охрабруваше нејзината сестра Хана Крли, која исто така учествуваше во шоуто. Хана со изгубени 54 килограми го освои второто место, намалувајќи ја својата тежина од 112 на 58 килограми.
И третото место го освои жена. Ирен Алварадо од 115,5 килограми успеа да стигне до 63.
За време на финалето беше објавено дека во наредната сезона тренер во шоуто ќе стане Ана Курникова.