Постојано кружат реклами кои ветуваат брзо слабеење на „магичен“ начин, а под нив стојат фотографии од лица кои ги постигнале неверојатните резултати „за само неколку седмици“. Сте се запрашале ли дали тоа е вистина?
Девојка која успеа да ослаби над 50 килограми преку здрава исхрана и вежбање тврди дека нејзините фотографии без дозвола се користат за да се промовираат „магични таблети“.
Лара Кели секојдневно ги инспирира луѓето со својата неверојатна приказна за слабеењето и се труди да ги мотивира да го следат нејзиниот пример. Таа често објавува селфи фотографии од својот напредок на Tumbrl и Instagram, каде ја следат десетици илјади лица.
Благодарение на здравиот режим на исхрана и вежбањето, 21-годишната Австралијка ја добила фигурата за која сонувала за само три години. Затоа, останала со подзината уста кога дознала дека нејзините фотографии не се користат само за инспирација, туку и за лажна реклама.
Лара сосем случајно открила дека е дел од реклама за таблети за слабеење кои „гарантираат дека ќе избришат 13 килограми од мастите на стомакот за само четири седмици“. Таа била во шок, бидејќи тоа било спротивно на она што со години го промовирала, а тоа е здравото слабеење. „Кога во почетокот започнав да добивам пораки, бев шокирана. Луѓето ме прашуваа какво е моето мислење за таблетите. Морав да им објаснувам дека никогаш во животот не сум ги користела“ – рекла Кели во интервју за Daily Mail Australia.
Кели започнала да ги бара измамниците, но нејзините обиди биле неуспешни. „Им пишувам пораки на сајтовите и ги пријавувам. Тие едноставно исчезнуваат и подоцна повторно се појавуваат или едноставно ме банираат“ – рекла Лара.
Целта на Лара сега е да ги предупреди сите луѓе да не веруваат во сè што ќе прочитаат. „Престанете да гледате во фотографиите, претпоставувајќи дека некој испил таблети и изгубил 20 килограми за две седмици. Сите сакаат брзи резултати. Слабеењето е мачно, но вреди“ – рекла Лара.
Од Австралиската комисија за конкуренција и потрошувачки прашања велат дека можете да ги препознаете измамниците по тоа што ќе ви „ветуваат слабеење со мал или никаков напор“. Најчесто зад ваквите тврдења не постојат никакви научни докази.
„Во најдобар случај, тие производи и краткотрајните диети можат да резултираат со моментално слабеење, но можат да бидат опасни ако се применуваат подолг период“ – пишува на интернет страницата на Комисијата.