Шонтел Данкан е во 36. недела од бременоста, но нејзиниот фит изглед не покажува дека таа е во напредна бременост.
Фитнес моделот привлече големо внимание на социјалните мрежи поради малиот тониран стомак и упорноста да продолжи со своите тренинзи и покрај тоа што наскоро ќе се породи.



Данкан, која за помалку од еден месец ќе го роди своето прво дете, ја следат 195.000 корисници на Instagram.
Активната Австралијка тренира тајландски бокс и тврди дека ќе вежба сè додека чувствува дека може да тренира безбедно и има доволно енергија за да не си предизвикува стрес на организмот. Таа тврди дека јаде сè, без да се ограничува и не се загрижува дали нејзината тежина ќе се зголеми.


Шонтел сподели фотографија на Facebook со своја пријателка, која е само 4 недели понапред во бременоста, за да покаже дека секоја трудница изгледа различно. „Секоја жена го носи своето бебе во утробата различно и ова не значи дека едната прави нешто погрешно или нездраво“ – опиша Данкан.

Коментарите на социјалните мрежи за активните тренинзи на Данкан се различни, додека едни ѝ се восхитуваат и ја охрабруваат, други ја опсипуваат со критики. Таа вели дека се обидува да ги игнорира туѓите коментари од типот „твоето бебе ќе биде мало“ или „тоа што го правиш не е безбедно за бебето“.
Данкан во 2009 година влезе во финалето на изборот за Мис Универзум Австралија, како претставник на Квинсленд.
Таа изјавила дека ја споделува својата приказна на социјалните мрежи за да „го осветли патот на својата активна бременост“ и да ги охрабри жените да не се плашат да зачнат поради грижата за нивниот изглед.








