Куче од расата тибетски мастиф стана најскапото куче на светот, откако беше продадено за 945 000 фунти, објави британскиот Telegraph.
Кучето, чие име е Hong Dong, има 11 месеци, но веќе тежи над 80 килограми.
Тибетските мастифи се прилично големи кучиња и се смета дека оваа раса кучиња е една од најстарите на светот. Многу се ретки и тешко можат да се сретнат надвор од Тибет. Во последните неколку години нивната цена постојано се зголемува и се сметаат за симбол за статус на богатите Кинези.
Не е откриен идентитетот на купувачот на Hong Dong, но се знае дека е богаташ од северна Кина.
„Видов дека го сака кучето, инаку немаше да му го продадам. Купувачот ми кажа дека го смета кучето за добра инвестиција. Како машко куче, тоа може да биде изнајмувано за парење. Тој може да си ги врати парите за само неколку години“ – изјавил Лу Лијанг кој одгледува кучиња од оваа раса.
Пред продажбата на Hong Dong, најскапото куче беше Yangtze River Number Two, исто така од расата тибетски мастиф, кој беше продаден за 380 000 фунти.