Едно е да го потстрижете вашето милениче со цел крзното да му придобие убава уредна форма, но сосема друго е да направите од вашето куче подвижна „циркуска“ атракција.
Фотографиите на Рен Недерланд покажуваат екстремно стилизирање на кучиња кои победиле на натпревари низ САД. „Јас сум ангажиран да ги фотографирам победниците на овие шоуа. На почетокот на шоуто ќе видите куче со нешто што изгледа како микс од боја. На крајот, ќе видите нешто лудо“ – изјавил Рен за Telegraph.
„Стилистите“ имаат два часа за да ги бојадисаат и потсрижат кучињата, користејќи обоени спрејови за коса, лак за коса или привремена боја.
Иако во очите на секое куче може да се прочита дека не им се допаѓа новиот изглед, Рен тврди дека кучињата се среќни.
„Добив мејлови од луѓе кои ми велат дека сум болен и дека е немилосрдно да им се прави ова на кучињата. Искрено можам да кажам дека кучињата кои ги фотографирам го обожаваат вниманието. Во петнаесетте години додека сликам на овие шоуа, никогаш не сум видел некој да го повредува своето куче. Никогаш не би се согласил да фотографирам ниту едно од овие кучиња или да работам за кое било од овие шоуа ако имаше какво било повредување на кучињата“ – објаснил тој.
Што мислите: Интересно или непотребно малтретирање на животните?