Кучињата Глен и Баз се одличен пример за вистинско и безусловно пријателство.
Глен е слепо куче кое може безгрижно да трча, знаејќи дека нема да се повреди, благодарение на својот ангел чувар – кучето Баз. Верниот пријател му помага на Глен полесно да се справува со секојдневните активности и да не дозволува изгубениот вид да го спречи да се забавува.
Неразделните пријатели пред три недели биле пронајдени во подводен тунел во Хартлпул, Англија и биле згрижени од центарот за спасување на животни „Stray Aid“.
Кучињата од расата стафордски бул териер и Џек Расел териер се стари помеѓу 9 и 10 години, па вработените во спасувачкиот центар сметаат дека тие биле напуштени од сопствениците поради возраста.
Баз безусловно се грижи за Глен да не се повреди, му помага да ја пронајде својата чинија со храна и го носи до неговото место за спиење, па поради таквата поврзаност, вработените во центарот претпоставуваат дека тие се пријатели долги години.
Су Билби, која работи во центарот за спасување, смета дека двете кучиња треба да се вдомат заедно. „Баз се однесува како да е очите на Глен“ – изјавила Су. „Ако се разделени, макар и неколку минути, двата започнуваат да лаат и се вознемируваат, па затоа треба да имаат заеднички дом“ – додала таа.