Девојка, која е нарекувана „жива Барби“ и често е споредувана со анимираниот лик Елса од „Frozen“, тврди дека нејзиниот изглед е природен и дека го постигнала без пластични операции и диети.
Андреса Дамијани, која има струк од 50 см, вели дека отсекогаш наликувала на кукла, но решила уште повеќе да го потенцира тоа во своите 20-ти години преку промени во облеката и шминката. Сепак, и покрај обидите да им докаже на луѓето дека никогаш не легнала под нож, 23-годишната Бразилка често е обвинувана дека е лажга и дека нејзиниот изглед е резултат на пластични операции.
„Луѓето не ми веруваат кога ќе им кажам дека никогаш не сум се подложила на пластична операција и мислат дека гладувам зашто сум многу слаба. Ме викаат лажга. Целосно непознати лица ми кажуваат дека им е одвратно да ме гледаат в лице и дека се плашат кога ќе ме видат во близина. Некои луѓе бегаат од мене кога ќе ме видат“ – вели таа.
„Откако се сеќавам за себе сум изгледала како кукла. Се шминкам минимално, не држам диети и ги шетам моите кучиња за вежбање“ – додава таа.
За време на школските години, Андеса често била задевана поради невообичаениот изглед и поради тоа што не се развивала како своите врснички. Таа била срамежлива и повлечена сè додека еден ден не решила не само да се прифати онаква каква што е, туку уште повеќе да ги потенцира своите куклести делови од телото.
„Сфатив дека е време да ги потенцирам моите куклести делови од телото, наместо да се обидувам да се вклопам во општоприфатените стандарди за убавина кои никогаш нема да ги достигнам. Започнав да носам леќи и шминка која создава илузија на кукла. Исто така, започнав да носам слатка облека во моите омилени бои – пастелна розова, небесно сина и јоргован“ – вели 23-годишната Бразилка.
„Изгледот на вистинска барбика ми помогна да си ја зголемам самодовербата. Чувството дека сте убави и самоуверени е многу важно, а не бесмислено како што сметаат некои. Се чувствувам убаво вака. Сакам да им покажам на луѓето дека секој може да изгледа како кукла. Не мора да бидете слаби или русокоси. Само создајте свој изглед и бидете среќни“ – советува Дамијани, која има свој YouTube канал каде покажува туторијали за постигнување на нејзиниот изглед.
Во моментов неа ја следат речиси 700 илјади на YouTube.