Многу моменти од мајчинството се вистински предизвик за жените.
Недостигот на сон, испуканите и болни гради, балансирањето меѓу обврски и грижата за цел еден живот, но и безусловната љубов, благодарноста и гордоста се само дел од нештата кои мајките ги чуваат во себе како вечни спомени.
Ло Менсфилд многу добро ги знае сите овие нешта, затоа што и самата ги искусила. Затоа одлучи да напише текст во кој ќе се пронајде секоја мајка.
Ти нема да се сеќаваш како те молев да заспиеш, а потоа, кога конечно ќе заспиеше, седев и те гледав наместо да си легнам да спијам.
Ти нема да се сеќаваш како те нишкав и нишкав среде ноќ иако бев свесна дека треба да те спуштам. Знаев дека нема да бидеш малечко долго време.
Ти нема да се сеќаваш како те ставав на градите, испукани и крвави. Плачев, но бев решена и благодарна што ми е дадена шанса.
Ти нема да се сеќаваш како лежеше на моите гради со часови. Косата ми беше мрсна, стомакот ми кркореше, мочниот меур ми беше полн, купот валкана облека стоеше во аголот, но го игнорирав сето тоа бидејќи ми беше многу поважно твоето срце да е покрај моето.
Ти нема да се сеќаваш како се будев пред тебе, некој неверојатен мајчински инстинкт кој го прекинуваше мојот очајно потребен сон, бидејќи ти имаше потреба од мене. А тоа беше најважно.
Ти нема да се сеќаваш како секоја ноќ бев сигурна дека не можам повеќе, а потоа некако го правев тоа, ние го правевме тоа, сонувајќи тоа да се повтори.
Ти нема да се сеќаваш како плачев над тебе, исплашена дека она што го правам е погрешно, кога во суштина јас и ти секогаш го правевме правилното.
Има многу нешта на кои тие нема да се сеќаваш. И тоа е во ред. Бидејќи можам да ти ветам дека јас никогаш нема да можам да ги заборавам.