Ова е Медена – омиленото куче на стружани. Таа живее на десниот кеј на реката Црн Дрим, но во никој случај не може да се каже дека е бездомник, бидејќи живее во срцата на сите жители на Струга.
Изминативе неколку дена добрата кучка беше во центарот на вниманието. Зошто? Затоа што доби своја статуа на кеј.
Станува збор за куче од среден раст, без педигре, но со одлична репутација. Таа е мила, добродушна кучка, која лесно се спријателува со секого.
Токму едно од тие пријателства и ја стави Медена на пиедестал, во буквална смисла на зборот. Уметницата Лида Шерафатманд, која изминативе 4 години живее и твори во Струга, изработи скулптура од Медена во реална големина.
Скулптурата е поставена на кејот на реката Црн Дрим, пред Мезебар „Кингстон“. Шерафатманд како инспирација за изработка на скулптурата ги наведува бесконечното пријателство меѓу нив и нежниот карактер на ова мило куче. На плочката со посвета Лида пишува: „Нежноста е доблест. Оваа скулптура рачно изработена со љубов е во чест на нежното куче во Струга познато како Медена. Да успееме да бидеме нежни како истрајната Медена, дури и во тешки времиња”.
Како и секое улично куче, Медена има поминато секакви премрежја и потешкотии. Сепак, тоа не ја спречува да го покаже својот вистински карактер. Таа зрачи со нежност и доброта. Во неколку наврати, Медена ја придружувала Лида дома, кога ѝ било страв сама да пешачи во ноќта.
Медена позираше покрај својата скулптура.
Скулптурата беше промовирана на 28 јули и веќе привлекува големо внимание кај локалното население и туристите, кои застануваат да се фотографираат. Сепак, најфасцинирани од скулптурата се малечките деца.
Лида Шерафатманд е интернационална уметница родена во Иран, а израсната во Малта. Со уметност се занимава од тригодишна возраст. Има остварено голем број изложби, во над 20 земји ширум светот. Основоположник е на уметничкиот правец Флоресценцизам кој има двојно значење: физички приказ на цветови и преносно - процветување како метафора за развој на индивидуата или цивилизацијата.