Животот на Никол Карфана се промени засекогаш во една ноќ. Нејзиното момче Дени ја изненади со свршувачка и свадба во само неколку часа.
Никол боледува од лупус, па сакајќи да ја поштеди од стресот за планирање на венчавка, Дени тајно ја организирал специјалната вечер.
За нејзиниот роденден, Дени ја одвел Никол на неколкудневно патување во Дизниленд, а кога се вратиле дома, ја чекало вистинско изненадување.
„Немав претстава што се случува, јас се обидував да ги извадам торбите од автомобилот и тој ми рече да ги оставам. Ми ја отвори вратата, ми ја подаде раката и ме одведе во задниот двор“ – изјавила Никол, која мислела дека се работи за забава за нејзиниот роденден.
Во дворот од нивната куќа, тие биле дочекани од најблиските роднини и пријатели, а во позадина свирела песната „Fix You“ од Coldplay.
ВИДЕО
Никол забележала солзи во очите на мајка си и го здогледала татко си во костум, па знаела дека не се работи само за роденденска забава. Неколку минути подоцна, Дени клекнал на колено и ѝ го поставил судбоносното прашање. Одговорот секако бил „ДА“.
„Бев шокирана. Тоа беше најголемото изненадување во мојот живот. Се разнежнив и почнав да плачам“ – рекла среќната Американка.
„Секогаш знае како да ме насмее и тоа е едно од нештата кои најмногу ги сакам кај него. Здравјето ми се влоши шест месеци откако почнавме да се состануваме, но тој остана покрај мене. Доаѓаше на речиси секој преглед, ми помагаше и во носењето на големите одлуки и плачеше со мене кога ми беше одобрен единствениот лек за лупус. Имавме три неверојатни години заедно, без разлика што сме болни“ – вели Никол, алудирајќи на тоа дека Дени страда од астма.
Откако наздравиле со гостите, Дени ѝ кажал дека доколку таа сака, имаат можност да се венчаат уште истата вечер. Посветениот партнер имал сè испланирано. „Се свртив и видов венчаница и костум обесени. Овој неверојатен маж ме познава добро и знае колку стресно би ми било планирањето на свадба, па и двајцата одлучивме да го направиме тоа истата вечер“ – објаснила возбудената девојка.
„Без да знам Дени започнал да ја планира нашата бајковита свадба пред пет месеци. Беше најубавата ноќ во мојот живот. Беше опуштено и интимно, бевме опкружени со луѓето кои најмногу се грижат за нас. Беше совршено. За ништо на светот не би ја променила таа ноќ“ – додала Никол.