На Бадник, во домот на семејството Иванови владееше весела празнична атмосфера.
Претседателот Ѓорге Иванов заедно со првата дама Маја Иванова и нивниот син топло ги пречекаа дечињата од бадниковите поворки, кои пеејќи ја песната „Вечниот Бог“ се упатија кон нивниот дом.
„На Бадник, во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, денеска домот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, го посетија децата од Центарот за едукација на македонски фолклор „МИТЕВИ“ од Скопје, кои ја донесоа Божиќната литија и со песната „Вечниот Бог" го најавија Христовото раѓање“ – стои на Facebook страницата на Претседателот.
„Една голема мудрост вели дека секој од нас има лице од кое што треба да дава насмевки. Има усна од која што треба да изговори добри зборови, да прави добри дела и очи да ги види добрите работи кај луѓето околу нас. Или, како што рекол Св. Климент, веќе не само за овие празници, туку и секој ден треба да шириме насмевки, да кажуваме добри зборови, да правиме добри дела. Да се натпреваруваме во добрина“ – истакна г-ѓа Иванова, која беше облечена во црно-црвена комбинација.
„Среќа, радост, песна, насмевки од нашите денешни гости, денешните бадникари, кои со песната „Вечниот бог“ ни го навестија Христовото раѓање, ни го навестија раѓањето на Богомладенецот“ – додаде таа.