Ема Кок повторно го одушеви светот со својот моќен глас.
На божиќниот концерт со Андре Риу во Мастрихт, 15-годишната девојка која има ретка болест изведе божиќни хитови, меѓу кои и „White Christmas“. Никој не остана рамнодушен на емотивната изведба на талентираната Ема.
Кок ја отпеа и „All I Want For Christmas Is You“.
Ема страда од многу ретка болест, наречена гастропареза или „парализиран стомак“, при која пациентот се соочува со екстремно бавно празнење. Таа може да јаде само со туба која оди во нејзиниот стомак, но не дозволува нејзината болест да ја спречи да го следи својот сон да стане пејачка.
Кога првпат се појави со Андре на сцената во август, во најавата тој рече:
„Ема има ретка, но ужасна болест. Нејзиниот стомак е парализиран. Таа не може да јаде. Целата храна оди преку мала туба директно во нејзиниот стомак. Но, Ема е храбра девојка и сака да живее нормален живот. Ема има сон. Има прекрасен глас и сака да биде пејачка. Таа создаде фондација за да собере пари за истражување на оваа ужасна болест и можеби во иднина да ја излечи. Мислам дека таа е пример за сите нас“.