Мајките честопати чувствуваат грижа на совеста кога ќе ги искараат или казнат нивните деца, а голем дел од нив дозволуваат помислата дека се „лоши мајки“ да ги измачува подолго време.
Таков бил случајот со блогерката Кејтлин Каши сè додека таа не решила да ги промени своите мисли и да започне да се фокусира на моментите кога се сметала себеси за добра мајка. Сега, пред да заспие, таа се присетува на позитивните моменти со нејзините деца и е многу посреќна. Еве го нејзиниот текст, во кој таа ги советува мајките да го следат нејзиниот пример:
Секоја вечер, пред да си легнам, ја следам истата, речиси неволна рутина: Во мојата глава го прегледувам денот и се фокусирам на моментите во кои се сметам себеси за „лоша мајка“.
Моментите во кои сум била сурова со моите деца, моментите во кои сум го изгубила трпението, моментите во кои не сум играла со нив кога тие сакале, зашто сум се трудела да ги измијам садовите или да зготвам вечера.
Ги повторувам повторно и повторно, дозволувајќи вината да се вгнезди длабоко во моето срце, а болката која си ја нанесувам како да служи како казна за фактот дека сум можела подобро од тоа. Секоја вечер заспивам кажувајќи си себеси дека треба да ја користам таа болка како мотивација за следниот ден да бидам подобра мајка, но секогаш се чувствувам поразена и разочарана од себеси.
Вчера, не само што конечно ја препознав оваа рутина, туку и сфатив колку е нездрава. Па, синоќа, одлучив да пробам нешто поразлично. Кога го прегледав денот во мојата глава, наместо да се фокусирам на моментите кога бев „лоша мајка“, одлучив да се фокусирам на добрите. Оние во кои сочувствував со моето 2-годишно дете кога имаше тежок момент, оние во кои им се извинив што бев сурова со нив, оние во кои десет пати им ја прочитав истата книга со истиот жар како и првиот пат, бидејќи тие викаа прочитај ја „пак, мама!“.
Знаете што се случи? Заспав со насмевка, а утрово кога се разбудив, имав екстра доза среќа. Бев подобра мајка денес. Кога се соочив со тежок момент со моите деца, ми беше многу полесно да реагирам позитивно, бидејќи претходниот ден се потсетив дека сум способна да го направам тоа.
Лекцијата? Ајде да престанеме да се измачуваме себеси, мамички. Колку и да сакаме, не можеме и никогаш нема да можеме да бидеме совршени родители. Секогаш ќе имаме непријатни моменти со нашите деца. Ќе правиме утки. Но, наместо да се фокусираме на тоа, ајде да ги запомниме сите моменти потоа, каде се справуваме со нашите грешки со децата, каде се забавуваме, каде се поврзуваме со нив на позитивен начин, каде тие нè погледнуваат на начин кој ни го растопува срцето и прави сè да вреди.
Нашето време со децата е многу кратко. Знам дека кога ќе погледнам наназад, сакам да се сетам на сите позитивни моменти. А вие?
Друга мајка во коментарите на текстот сподели слатка илустрација и потсети дека „нештата може да изгледаат различно во зависност низ чии очи се гледани“.
„Ти си најдобрата мајка за твоите деца и големи се шансите додека ти се грижиш дали беше добра мајка денес, твоите деца заспиваат мислејќи за сите начини на кои ти направи тие да се чувствуваат сакано денес“.