Денес светот ги слави најмалите борци кои уште од првиот ден на овој свет ја водат најтешката битка – битката за својот живот.
Светскиот ден на предвреме родените деца има за цел да ја зголеми свеста за битките кои ги водат бебињата родени пред 37-мата недела и за нивните семејства. Се проценува дека секоја година предвреме се раѓаат 15 милиони бебиња, што е 1 на 10 родени бебиња.
За жал, 1 милион од нив не преживуваат. Предвременото породување на глобално ниво е причина број еден за смртност кај децата под 5 години. Оние кои преживуваат често се соочуваат со нарушено здравје, вклучувајќи попреченост, тешкотии во учењето како и проблеми со видот и слухот.
Поради тоа, голем број организации на овој ден преземаат активности за подигнување на свеста за поголема семејна и медицинска заштита кај прематурчињата. Темата за Светскиот ден на предвремено родените за 2022 година се одбележува под слоганот: „Родителска прегратка: моќна терапија! Овозможете контакт кожа со кожа од моментот на раѓањето“.
Предвреме родените бебиња се вистински борци, кои својата битка ја водат со кревок плач додека респираторните машини околу нив се гласни. Педијатрите кои се грижат за овие бебенца ги вложуваат сите сили и професионално знаење за тие да имаат вообичаен раст и развој исто како и навремено родените деца.
Паниката и стравот се секогаш присутни кај родителите, кои ги знаат ризиците за нивните малечки, како респираторен дистрес и ретинопатија (заболување на очната мрежница). Во сите случаи кога родилката се породува предвреме најважна е педијатриската поддршка – да се делува брзо, рационално и смирено и да ѝ се даде соодветна терапија и психолошка поддршка на мајката, бидејќи таа се соочува и со стресна ситуација и со хормонски ролеркостер кој може негативно да делува врз нејзиното целокупно здравје.
Во минатото, предвременото породување беше огромен ризик и за родилката и за бебето. Сега, инкубаторот се гледа како извор на живот и одамна го има изгубено предикатот „машина која работи на струја“. Родителите преку посебните отвори на инкубаторот можат да го допрат своето дете, а медицинскиот персонал да му ја даде сета потребна нега за опоравување и соодветно растење.
Денес е зголемен бројот на бебиња кои успеваат да се изборат по предвременото раѓање, а таа борбеност подоцна станува дел од нивниот карактер. Педијатрите и детските психолози и невролози потврдуваат дека децата кои се родиле предвреме се со висок коефициент на интелигенција, имаат повеќе таленти, снаодливи се во разни животни ситуации, натпреварувачки се настроени и не го прифаќаат зборот „не“ за одговор.
Што им е најпотребно на предвреме родените бебиња, освен посветената медицинска нега?
Светската здравствена организација оваа година објави статија во која препорача контактот кожа на кожа меѓу бебето и мајката да започне непосредно по породувањето. Тоа е познато како кенгурирање. На овој начин бебето го слуша срцето на мајката и го чувствува нејзиниот допир, а притоа се стимулира процесот на доење.
Клучот не е само во моментот на раѓање и при рутинската постнатална нега, туки и високо квалитетна заштита во здравствените установи каде се упатуваат мајките и новороденчињата со компликации. Земјите кои го подобрија здравјето на мајките и новороденчињата во текот на изминатите три децении преку инвестиција во работната сила на медицинските сестри и акушерството, постигнаа постојани намалувања на смртноста кај мајките и новороденчињата.
Насоките на СЗО исто така даваат и препорака на семејствата со предвреме родени бебиња да им се обезбеди емоционална и финансиска поддршка, како и поддршка на работното место, бидејќи најчесто се соочуваат со потешкотии поради постојаната нега и грижата за нивните бебиња.
„Предвреме родените бебиња можат да преживеат, да напредуваат и да го променат светот, но на секое бебе мора да му се даде таа можност“ – рече д-р Тедрос Аданом, генерален директор на СЗО.
Most babies #BornTooSoon can be saved with cost-effective measures incl.:
— World Health Organization (WHO) (@WHO) November 17, 2022
Essential care before, during & after childbirth
Antenatal steroids
Kangaroo mother care
Provision of breastmilk
Preventing & treating common infections & breathing difficulties pic.twitter.com/kUK142AMDV
Повеќето предвреме родени бебиња може да се спасат преку квалитетна нега пред, за време и по породувањето, превенција и справување со вообичаени инфекции и комбинирање на контакт кожа со кожа со ексклузивно доење.
„Првата прегратка со родителот не е само емотивно важна, туку и во апсолутно критична за подобрување на шансите за преживување и здравствените резултати за малите и предвреме родените бебиња“ – рече д-р Карен Едмонд од СЗО.