Празничната еуфорија несомнено се чувствува покрај домот на семејството Ричардс од Канбера, Австралија. Тие успеале да ја украсат својата куќа со неверојатни 331.038 сијалички и да влезат во Гинис за Најмногу божиќни сијалички на станбен имот.
Дејвид Ричардс, кој работел на украсувањето 4 години, изјавил: „На почетокот го направив тоа за моите деца, но потоа стануваше се поголемо и поголемо. Се сеќавам една година мајка и дете поминаа на патеката и мислејќи дека никој не ги гледа, започнаа да танцуваат на музиката. Сè е за да ставиме насмевка на лицата на луѓето.“
Дејвид и неговата сопруга Џенин го замолуваат секој посетител на нивниот украсен дом да донира пари за хуманитарната организација „SIDS and Kids“. Парот нема во план наредната година да го збогатува празничното осветлување. Тие велат дека ќе ги дадат сијаличките на некој кој ќе продолжи да ги користи за да собира пари за добротворни цели.
Никој не знае колку точно пари потрошил Дејвид за да го направи рекордното украсување, бидејќи тој не кажува никому, па дури ни на својата сопруга.