„Ништо не е невозможно“ – ова е пораката на Муса Мота, танчар со една нога кој руши стереотипи и го одушеви светот со настапот на Britain’s Got Talent, освојувајќи го првото групно златно копче.
Инспиративниот дечко од Јужноафриканската Република имал само 11 години и сонувал да стане професионален фудбалер, кога му бил дијагностициран рак на коските (остеосарком). За да му го спасат животот, докторите морале да му ја ампутираат едната нога, ставајќи крај на неговиот сон.
„Сонував дека еден ден ќе станам професионален фудбалер. По мојата болест, морав да прифатам дека нема да можам да го следам овој сон. Но, јас верував дека кога една врата се затвора, со сигурност има оставен отворен прозорец“ – рекол тој.
Кратко време по ампутацијата, Муса го открил светот на танцот и се вљубил во него. Започнал да ги адаптира движењата на својата состојба и создаде уникатен стил на танцување кој му помогна да стигне до финалето на британското шоу за таленти.
Танцувањето на Муса насолзи многу очи и голем број гледачи го прифатија како своја инспирација.
„Мојата цел беше да ја испружам раката и да ги допрам животите на луѓето. Не само да допрам до нивните животи, туку и да ги променам и да им покажам дека ништо не е невозможно. Ова е одличен момент за да инспирирам повеќе луѓе низ светот“ – рекол Муса.
Откако го освои првото групно златно копче, тој изјави:
„Јас сум вистински пример за кршење на два дела на она што светот го смета за невозможно. Јас сум возможен“.