Колин Текери победи во шоуто „Britain’s Got Talent“ благодарение на милите очи, емотивноста и романтичните изведби на стари хитови.
89-годишниот ветеран на Кралската армија ги победи илузионистот X и магионичарот Бен Харт и ја освои главната награда од 250.000 фунти. Но, парите не се најдрагата награда која ја освои емотивниот старец. Колин ќе биде дел од шоуто Royal Variety, каде ќе настапува пред кралицата Елизабета, на која ѝ служеше 25 години.
Неодамна, Текери изјави дека ќе умре среќен доколку победи во шоуто и добие можност да ја запознае Кралицата. „Ѝ служев на Кралицата 25 години, да пеам пред неа ќе ми биде остварување на сон“ – рекол тој.
„Ти си непобедлив. Ти си џентлмен, те почитувам, ме инспирираш и сите те сакаат“ – му рече Аманда Холден по финалниот настап со песната „Love Changes Everything“.
Видео од настапот на Колин во финалето
Колин влегол во Кралската артилерија, армијата на кралицата, кога имал само 15 години. Додека бил на служба, тој ја запознал својата сакана Џоен и по кратко време тие стапиле во брак.
Само две недели подоцна, тој бил испратен во Кореја. За време на војната таму, тој добил трајно оштетување на слухот на едното уво.
Додека траела неговата служба, тој постојано си ги подобрувал вокалните способности како дел од бенд.
Неговата сопруга починала од рак на дојка во 2016 година, а тој се преселил во пензионерски дом во Кралската болница во Челси. Настапот на аудициите и изведбата на хитот „We’ll Meet Again“ во полуфиналната вечер, Колин ѝ ги посвети на својата сакана Џоен и насолзи многу очи.