Веројатно на сите ви е преку глава од сензационалистичките вести и најави за крајот на светот. НАСА одлучи со интересно видео да ги потпомогне сите оние кои остро се спротивставуваат на теоријата дека Маите предвиделе крајот на светот да се случи на 21.12.2012.
Од НАСА се толку уверени дека сите ќе бидеме живи на 22 декември, што 10 дена порано објавија видео во кое објаснуваат „Зошто вчера не се случи крајот на светот“, т.е. зошто за неколку дена НЕМА да настапи долгонајавуваната апокалипса.
„НАСА е толку уверена дека крајот на светот нема да се случи на 21 декември 2012, што тие веќе објавија видео за денот потоа“ – пишува во описот на видеото на YouTube.
Во видеото повеќе научници објаснуваат како започнале шпекулациите за крајот на светот и зошто не држат вода популарните теории.
Додека прогнозите за крајот на светот за многумина се извор на забава, неколку недели наназад од НАСА предупредуваат дека шпекулациите имаат и темна страна – ги плашат децата и тинејџерите кои се во депресија и склони кон самоубиства.
„Додека ова е шега за некои луѓе и мистерија за други, има и луѓе кои навистина се загрижени. Сметам дека е злобно луѓето да шират гласини на интернет за да плашат деца“ – изјави Дејвид Морисон, астробиолог во НАСА.