Полека, но сигурно, светот се менува за луѓето со попречености, а заслужни за тоа се лицата кои секојдневно се борат за да ги срушат застарените начини на размислување.
Ви претставуваме десет модели кои не дозволија Дауновиот синдром да им застане на патот, туку смело се изборија за менување на стандардите за убавина и за рушење на стереотипите. Благодарение на нив, модниот свет станува инклузивен и во него сè почесто чекорат лица со ова нарушување, докажувајќи дека секој е убав на свој начин.
Медлин Стјуарт
Пред седум години, Медлин стана светски феномен откако мајка ѝ објави фотографија од нејзиното големо слабеење од 20 килограми за да биде поздрава и да ги следи соништата. Оттогаш, таа има снимено фотосесии за врвни модни списанија и има дефилирано на модните писти низ целиот свет.
Софија Жирау
26-годишната девојка го промени модниот свет кога си го оствари сонот и стана првиот модел со Даунов синдром ангажиран од Victoria’s Secret.
Бет Метјус
Бет го користи моделството и појавувањата на ТВ како начин да ги помести границите и застарените сфаќања за животот со Даунов синдром. Таа има потпишано договор со голема модна агенција.
Челзи Вернер
Челзи е успешна гимнастичарка и модел кој има соработувано со брендови како Томи Хилфигер и H&M. Иако докторите сметале дека цел живот ќе има слаби мускули, Ворнер ги надмина нивните очекувања и двапати стана шампион во гимнастика.
Џејми Бруер
Џејми е актерка позната по улогата во „American Horror Story“ и е првата жена со Даунов синдром која дефилирала на пистата на Њујоршката модна недела. Инспиративната Американка ги охрабрува жените да бидат она што се.
Вера Габриела
Десетгодишната Вера е позната како чешката Рапунзел и е Instagram модел. Со коса до глуждовите и широка насмевка, таа од мали нозе освојува срца на интернет и не дозволува нејзиното нарушување да ѝ застане на патот кон успехот.
Џорџија Фурлан
Кариерата на Џорџија во светот на модата започна сосема случајно, кога нејзиниот татко објави нејзина фотографија онлајн и го привлече вниманието на голема модна агенција. Веројатно заслужна за тоа е нејзината прекрасна насмевка.
Џесика Хасинто
Додека растела, Џесика испробала многу спортови, но ниту еден не ја усреќувал. А кога зела учество во натпревар за убавина, нејзината мајка увидела дека го обожава тоа. За првпат зачекорила на модната писта во 2019 година и оттогаш реди нови и нови ангажмани.
Ели Голдстејн
Уште на 15-годишна возраст, Ели зачекори во светот на модата, а на 18 години беше ангажирана во модна кампања за Гучи. Во моментов, таа студира сценска уметност.
Маријан Авиља
Животното мото на Авиља е „Јас можам“. Убавата девојка има снимено фотосесии за „Vogue“, „The New York Times“, „Vanity Fair“ и „Harper’s Bazaar“ и Levi’s, а има дефилирано и на Њујоршката недела на модата.