Мајките навистина се суперхерои, а доказ за тоа е Хедер Скатс.
Хедер се породи сама покрај пат додека нејзините пет деца ја чекаа во автомобилот, а потоа возела до дома.
Неверојатната мајка имала благи контракции кога излегла од дома со децата за да заврши некои обврски. Од претходните искуства, бебињата се раѓале 8-10 часа по првите контракции, па мислела дека има сè уште време.
Скатс планирала да се породи во базен во домашни услови како што раѓала и претходно, но нејзиниот син имал други планови.
„Имав благи контракции пред да излеземе, па помислив дека имам време да завршам некои обврски. Мислев дека нема да имам бебе во рацете уште 8-10 часа“ – рекла таа.
Контракциите на Хедер многу брзо се зачестиле и таа знаела дека породувањето наближува. Започнала да вози побрзо со надеж дека ќе стигне дома, но набрзо ѝ станало јасно дека нема време за тоа.
„Го запрев автомобилот, ги уверив децата дека сè е ОК, го грабнав телефонот и излегов од возилото. Не морав дури ни да напнувам, беше многу брзо. Зборував на телефон со сопругот Ник и по 20 секунди му реков: ‘Тој е тука’. Веднаш започна да плаче, ги отвори очите и ме погледна, а јас му реков: ‘Да другар, тоа беше забавно, нели?’“ – раскажала мајката.
„Го родив бебето во тревата. Беше многу брзо! Мислев дека овие нешта се случуваат само во филмовите“ – напиша Хедер на Facebook.
Со бебето сè уште прикачено со папочната врвца за плацентата во нејзината утроба, Хедер возела со автомобилот до дома.
„Го завив во ќебенце и возев со него до моите гради. Мислам дека децата беа шокирани. Беа многу тивки. Дома моравме да ја исчистиме тревата од него“ – раскажала таа.